
Четири мажи на глисер регистриран во САД се убиени во кубански води, соопшти кубанското Министерство за внатрешни работи. Во соопштението на министерството се вели дека патниците на глисерот отвориле оган врз брод на крајбрежната стража кој им се приближувал. Во инцидентот, кој се случил во близина на остров на северниот брег на Куба, повредени се уште шест лица, пишува Би-Би-Си .
Во соопштение објавено преку кубанската амбасада во САД, министерството соопшти дека бродот регистриран во Флорида – со регистрациски број FL7726SH – бил забележан во среда наутро во близина на Кајо Фалконес, во централната провинција Вила Клара. Идентитетите на луѓето на бродот, како и причината за нивното присуство во областа, сè уште не се јасни, а кубанската влада соопшти дека е започната истрага за „разјаснување“ на инцидентот.
Кога кубански брод со пет граничари се приближил до глисерот за идентификација, „екипажот на глисерот што го прекршил законот отворил оган“, ранувајќи го кубанскиот командант, се вели во соопштението. „Во конфликтот што следел, според досегашните информации, четворица напаѓачи на странскиот брод биле убиени, а шестмина биле ранети“, се додава во соопштението.
Ранетите лица биле евакуирани и им била укажана медицинска помош.

