
Бугарскиот сервис Радио Слободна Европа ќе престане со работа на 31 март поради прекин на финансирањето од САД, изјавија неименувани извори од Радиото.
Тие додадоа дека активно работат на решение што „ќе ни овозможи да продолжиме да и служиме на нашата публика“.
Директорката на романскиот сервис на Радио Слободна Европа, Елена Вијулие Танасе пред две недели на Фејсбук објави дека на 31 март ќе се затвори сервисот.
Бугарија и Романија беа меѓу првите земји каде се емитуваше Радио Слободна Европа/Радио Слобода, формирано во 1950 година.
Радиостаницата, делумно финансирана од американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) до почетокот на 70-тите години од минатиот век, одигра клучна улога во ширењето информации надвор од Железната завеса, и покрај редовните обиди на комунистичките власти да го попречат нејзиниот сигнал и вознемирувањето на новинарите.


