Skip to main content
Македонија

„Лакрдија во судница“ – Шилегов со жесток напад кон обвинителството

25/02/2026  14:29

Тензична атмосфера ја одбележа денешната судска расправа за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако адвокатот Петре Шилегов побара судот да ја прекине постапката, обвинувајќи за нарушена рамноправност меѓу обвинетите и примена на двојни аршини од страна на обвинителството.

Шилегов во судницата истакна дека постојат сериозни разлики во третманот на обвинетите од Јавното обвинителство и на полициските службеници обвинети од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, посочувајќи дека ваквата практика ја доведува во прашање еднаквоста пред законот.

Тој направи паралела и со случајот со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, нагласувајќи дека јавноста сведочи на различни критериуми при одредување мерки за обезбедување присуство во постапките.

„Немаме две категории граѓани. Од она што Јавното обвинителство го прави во последно време е очигледно дека постојат различни аршини при определување мерки. Не може за исти кривично-правни настани да има различни правни мислења“, изјави Шилегов, оценувајќи дека текот на судењето претставува „лакрдија“ која дополнително ги трауматизира оштетените.

Тој додаде дека, иако лично не е поборник секогаш да се изрекува притвор, правилата мора да важат подеднакво за сите обвинети.

По неговото барање, од Јавното обвинителство посочија дека не можат да се изјаснат по предлогот, додека судот го отфрли барањето за прекин на постапката.

На ова реагираа и родителите на жртвите, кои побараа процесот да продолжи без одложувања и судот да ја утврди целосната вистина.

„Ние не сме тука за одмазда, туку за одговорност. Бараме вистината да се утврди до крај. Ова не е политичко, туку безбедносно прашање – денес бараме правда за нашите деца, утре тоа може да биде прашање за секое дете во државата“, изјави Александар Наунов.

На денешното рочиште сведочеше и Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК, која ја опиша драмата во моментите на пожарот. Таа изјави дека не знаела кој ја поставил пиротехниката и дека при обид да избега забележала дека вратата покрај бината била заклучена со катанец.

По тоа се упатила кон главниот излез, каде, како што рече, настанало стампедо, додека густ чад предизвикувал чувство на губење свест.

„Паднав во близина на излезот и останавме заглавени повеќе лица кај вратата“, сведочеше Костадиновска.

Во меѓувреме, адвокатката на сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, побара тој да биде преместен од притворот во Куманово во затворот Идризово, тврдејќи дека се соочува со нечовечки и понижувачки однос од затворскиот персонал.

Судењето продолжува со сослушување на нови сведоци, додека јавноста и семејствата на жртвите очекуваат целосно расветлување на трагедијата.