
Во неколку основни и средни училишта во Скопје и Тетово денеска биле пријавени наводно поставени експлозивни направи, но по извршените безбедносни проверки било утврдено дека станува збор за лажни дојави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по приемот на пријавите биле активирани сите предвидени протоколи за постапување во вакви ситуации, по што полициски екипи излегле на терен и спровеле детални проверки во образовните установи.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициските службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Надлежните институции продолжуваат со активности за целосно расчистување на случаите, како и за идентификување и санкционирање на лицата кои стојат зад лажните пријави, со цел спречување на вакви инциденти во иднина.


