Skip to main content
Македонија

Полицијата во Струмица уапси четири лица за палење на „Ланд Ровер“

23/02/2026  12:51

Секторот за внатрешни работи Струмица експресно го расчисти случајот со запалениот џип марка „Ланд Ровер“, откако во текот на 21 и 22 февруари полициските службеници лишиле од слобода четири лица осомничени дека го подметнале пожарот на паркираното возило во Струмица.

Според информациите од полицијата, зад решетки завршиле 19-годишниот Д.Г. од село Секирник, 38-годишниот Р.П. од село Владевци, 26-годишниот А.Т. од Еднокуќево и 19-годишниот К.Г. од Струмица, за кои постои основано сомнение дека се вмешани во подметнувањето на пожарот.

Во рамки на истрагата, вчера (22 февруари), врз основа на судски наредби, полициски службеници извршиле претреси во домовите на тројца од осомничените, при што биле пронајдени дополнителни докази, но и нелегални супстанци.

При претресот во домот на Р.П. биле пронајдени остатоци од марихуана, додека кај А.Т. е откриена кафеава грутчеста материја за која самиот пријавен изјавил дека станува збор за хашиш. Во домот на К.Г. биле пронајдени делови од облека за кои постои сомнение дека ги носел за време на извршувањето на кривичното дело, односно при подметнувањето на пожарот.

За преземените мерки и обезбедените докази е известен надлежниот јавен обвинител, а од полицијата информираат дека по целосното документирање на случајот против четворицата осомничени ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.