Skip to main content
Македонија

Артан Груби сместен во Шутка под засилено обезбедување – во ќелија со еден затвореник од безбедносни причини

23/02/2026  12:34

Уапсениот бегалец Артан Груби од ДУИ, поранешен вицепремиер обвинет за проневера на над 8 милиони евра во случајот „Државна лотарија“, по предавањето утринава околу 6 часот на граничниот премин Блаце е спроведен во притвор и сместен во затворот „Скопје“ во Шутка под засилени безбедносни мерки.

Според информации од затворските власти, Груби е сместен во посебна затворска просторија со само уште еден притвореник – Македонец, а одлуката е донесена од безбедносни причини. До неговата ќелија има посебно 24-часовно обезбедување.

Од затворот „Скопје“ за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавиле дека пред задолжителниот лекарски преглед, Груби бил прашан дали се чувствува безбедно меѓу притворените лица и дали има сознанија дека некој би можел да претставува закана за него.

„Притвореното лице Артан Груби одговори дека не се чувствува безбедно. На конкретно прашање од кого, тој ни кажа дека практично од сите, бидејќи, како што рече, ‘и сами гледате, сè е против мене и сите се против мене’. На дополнително прашање наведе дека се чувствува небезбедно од одредени лица етнички Албанци за кои имал сознанија дека се наоѓаат во притвор во овој затвор, поради што е сместен со цимер Македонец. Во просторијата нема да има други лица“, посочиле од безбедносните служби.

Груби од граничниот премин Блаце веднаш бил спроведен во притвор. Пред судија на претходна постапка би се појавил само доколку побара повторување на постапката која заврши во декември 2024 година, откако ја напушти државата и замина во Косово. Тој беше во бегство една година и два месеца.

Покрај Груби, во истиот предмет осомничен е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Државна лотарија“, кој сè уште е во бегство.

Артан Груби (48) беше баран со меѓународна потерница по отворањето на истрагата за наводна проневера од 8,2 милиони евра од Државната лотарија. Обвинителството побара притвор за кривично дело „проневера во службата“ по член 354 од Кривичниот законик.

Во предметот се опфатени и уште четири лица, осомничени како претседател и членови на комисии за два одделни јавни повика, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле службените овластувања и спровеле јавни повици за пренесување на правото за приредување електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка не смеела да биде реализирана.

Од затворот посочуваат дека за евентуални посети од семејството и одбраната не се надлежни, туку дека како и за сите притворени лица ќе важат одлуките, дозволите и ограничувањата што ќе ги донесе надлежниот судија во случајот „Државна лотарија“.