
Необична сообраќајна несреќа, налик на сцена од филм, се случила во истанбулската населба Каѓитхане, каде возач при обид да направи маневар наназад паднал од автомобилот и завршил под сопственото возило.
Инцидентот се случил на 6 ноември околу 16:00 часот, а драматичните моменти биле снимени од безбедносни камери кои ја забележале целата несреќа.
Според информациите, С.Д. излегол од својот дом, влегол во автомобилот и се обидел да го придвижи наназад. Во еден момент тој паднал на патот од отворената возачка врата. Додека се обидувал да стане, возилото кое останало без контрола продолжило да се движи и го удрило, притиснувајќи го меѓу автомобилот и ѕид.
Во несреќата мажот се здобил со скршеница на колкот и сериозни повреди на стапалата. По интервенцијата на итната медицинска помош, тој бил пренесен во болницата каде бил задржан на лекување. Лекарите соопштиле дека неговиот живот не е во опасност.
Во инцидентот била предизвикана и материјална штета на уште едно возило во движење, на паркиран автомобил и на електрична табла поставена на тротоарот.
Полицијата извршила увид и утврдила дека ниту еден од инволвираните возачи не бил под дејство на алкохол, додека причините за несреќата дополнително се истражуваат.
Очевидци изјавиле дека несреќата изгледала „како сцена од филм“, бидејќи возачот практично останал заглавен под сопствениот автомобил.

