Skip to main content
Култура

Меѓународен ден на мајчиниот јазик: „Матица“ и „Алкалоид“ со донација за првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија

21/02/2026  10:10

Денес, на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, донација од голем број клучни книги за македонскиот јазик, книжевност, култура и историја тргнува кон Љубљана. „Матица македонска“ од каде што и почна иницијативата за дарување книги и „Алкалоид“, првата општествено одговорна компанија што се приклучи кон иницијативата, заеднички донираат капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

Во академската 1961/1962 година, во Љубљана беше отворен првиот лекторат по македонски јазик во светот, за потоа, во академската 1984/85 година да прерасне во Катедра за македонски јазик и книжевност, којашто и денес успешно функционира во рамките на Одделот за славистика. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација од „Матица“ и „Алкалоид“ е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка Катедра по овој повод.

– Катедрата за македонски јазик и книжевност при Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана ѝ го честита на „Матица македонска“ јубилејот 35 години од основањето и ѝ посакува и натамошни успеси и што повеќе читатели и читателки. Со прекрасната иницијатива „Подари книга, подари свет“, тоа сигурно ќе се оствари. Ни претставува голема чест и многу сме благодарни за богатата книжна донација што во рамките на оваа иницијатива ни ја доделуваат првата издавачка куќа во самостојна Македонија и „Алкалоид“. Квалитетните современи изданија секако ќе ја збогатат нашата библиотека и ќе овозможиат потемелно изучување и истражување на македонскиот јазик, книжевност и култура на нашиот факултет. Овие изданија не само што ќе бидат од корист за студентите што ја изучуваат македонистиката во раките на трите циклуси на студии, туку ќе бидат и поттик за нови истражувања, анализи и научни согледби и ќе ни овозможат нови перспективи за афирмација на македонскиот јазик и на вредностите на македонската книжевност и култура. Онака како што и во изминатите децении, изданија на „Матица македонска“ беа референци во нашите проучувања и во пренесувањето на љубовта кон македонистиката кај нашите студенти. Посакуваме овој пример да го следат и другите оштествено одговорни компании, вклучително и за другите универзитетски центри низ светот на коишто се изучува македонистиката, истакнува раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана, проф. д-р Намита Субиото.