Невработеноста и немањето пристап до услуги за репродуктивно здравје, најголеми пречки за Ромките

Невработеноста и немањето пристап до услуги за репродуктивно здравје, се најголемите пречки со кои се соочуваат Ромките во нашата држава, посочуваат во денешното соопштение од Иницијативата на жени од Шуто Оризари, во рамки на одбележување на Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми април.

– Незаконската наплата и неефикасните мерки од Програмата за активна заштита на мајки и деца значително им го обременуваат секојдневниот живот особено на Ромките и потврдуваат дека во Македонија и натаму не им се гарантира правото на здравје на жените во репродуктивен период, се посочува во соопштението.

Истражување што Иницијативата на жени од Шуто Оризари го спроведе по седми пат на територијата на Шуто Оризари, стои во соопштението, укажа дека сите 100 опфатени испитанички се невработени и дека дури 82 проценти од оние во репродуктивен период платиле за ЕХО-преглед кај својот матичен гинеколог иако оваа услуга им следува бесплатно.

И покрај низата мерки предвидени со Програмата за активна заштита на мајки и деца за 2018 година, кои требаше да им го олеснат пристапот до здравствени услуги на маргинализираните и ранливите, се појаснува во соопштението, истражувањето покажува дека 40 проценти од жените без здравствено осигурување платиле за лабораториски анализи во текот на бременоста и за породувањето, иако овие услуги им следуваат бесплатно,

– Само 16 проценти го искористиле правото на бесплатна фолна киселина, само 11 проценти од бремените жени биле посетени од патронажни сестри во текот на бременоста, а дури 12 проценти од бремените жени се малолетни, информираат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

Бараат од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување да го решат долгогодишниот проблем со незаконската наплата на бесплатни здравствени услуги кај матичните гинеколози и да го подобрат спроведувањето на мерките од превентивните програми наменети за жените во репродуктивен период.

По повод меѓународниот ден на Ромите 8-ми Април, апелираат до државата и до Министерството за труд и социјална политика да им дадат приоритет на сите социјално ранливи категории граѓани при „кроењето” на мерките за вработување, а особено на Ромите кои ѝ припаѓаат на најмаргинализираната група граѓани во државата.

Треба да знаете
Последни објави