Skip to main content
Македонија

Политичарот е слуга на државата и народот а не нивен господар

19/02/2026  13:34

Пишува: Проф. Д-р. Иван Анастасовски

Што оваа всушност би значело во практика: мандатот не е лична привилегија, туку доверена одговорност, моќта не произлегува од функцијата, туку од волјата на граѓаните, јавниот интерес мора секогаш да биде над партискиот, личниот или бизнис-интересот, отчетноста, транспарентноста и моралот не се опција, туку обврска.

Кога политичарот ќе заборави дека служи, а не владее, државата се претвора во алатка на малкумина, а народот – во нем набљудувач. Демократијата, пак, постои само таму каде што власта е свесна дека е привремена, а народот – траен суверен.

Во секоја вистинска демократија постои едноставен, но често заборавен принцип: политичарот е слуга на државата и народот. Не обратно. Функцијата не е круна, туку товар. Мандатот не е награда, туку обврска. А власта не е сопственост, туку заем со рок на траење. Проблемот на современата политика, особено во транзициските општества, не е само во лошите политики, туку во погрешното разбирање на самата улога на политичарот. Наместо да се гледаат како претставници што служат, дел од носителите на јавни функции се однесуваат како да им припаѓа државата како да е нивна оставен аво наследство со имотен лист. Делува како институциите да се продолжение на нивната партија, а буџетот – нивна лична каса.

Овој менталитет е спротивен на суштината на демократијата. Во демократскиот поредок, суверенитетот му припаѓа на народот. Политичарите се само привремени управители на довербата што граѓаните им ја дале на избори. Тие не управуваат затоа што се „повисоки“, „попаметни“ или „позаслужни“, туку затоа што добиле мандат – ограничен и условен. Да се биде слуга на државата значи пред сè да се штити јавниот интерес. Тоа подразбира донесување одлуки што можеби не носат политички поени на краток рок, но се исправни и одржливи на долг рок. Тоа значи да се каже „не“ на партиските притисоци кога тие се судираат со законот. Да се одбие клиентелизмот. Да се прифати критиката како составен дел од јавната одговорност.

Да се биде слуга на народот значи и отчетност. Не декларативна, туку реална. Отчетност во трошењето на јавните средства, отчетност во ветувањата што го прават во првите сто дена и потоа во изборен период од еден месец, отчетност во резултатите во сработеното, отечетност во придонесот за заедницата. Во развиените демократии оставката е чин на политичка култура. Кај нас, често е сфатена како слабост. Но вистинската слабост не е во оставката, туку во тврдоглавото држење до функцијата по секоја цена. Дополнително, улогата на политичарот како слуга подразбира морален интегритет. Законот може да постави рамки, но етиката ја одредува суштината. Може нешто да биде формално законско, а суштински неправедно. Токму тука се тестира карактерот на носителите на јавни функции. Дали ќе ја искористат „дупката“ во системот или ќе го заштитат принципот?

Во општество во кое политиката се доживува како начин за личен напредок, а не како јавна служба, неминовно се губи довербата. А без доверба нема стабилни институции а со самото тоа нема развој, нема напредок, и нормално нема квалитетен јавен живот. Граѓаните стануваат апатични, младите се дистанцираат од политиката, а цинизмот станува доминантен наратив.

Но вината не лежи само кај политичарите, таа е и кај нас граѓаните (избирачите) кои ја имеме одговорноста особено во изборниот период. Кога гласаме по навика, по етничка или партиска линија, кога толерираме непотизам затоа што „барем е наш“, ние директно придонесуваме за девалвација на јавната служба. Демократијата не е само право на избор, туку и обврска за критичко расудување. Вистинската промена започнува со редефинирање на очекувањата. Наместо да бараме „силен лидер“ (источна филозофија), треба да бараме чесен администратор (западен свет). Наместо да бараме харизматичен говорник, треба да изнаоѓаме компетентен управувач, наместо политичар што ветува чуда, политичар што исполнува обврски.

Државата не е партиски штаб. Институциите не се изборен штаб. Функцијата не е личен бренд, таа е јавна служба, и токму во тој збор, служба се содржи суштината на политиката. Кога политичарите ќе разберат дека се слуги, а не господари, ќе започне вистинската демократија. До тогаш, ќе продолжиме да се движиме во круг, меѓу разочарување, надеж и повторно разочарување.

Прашањето не е дали ни требаат нови лица (не е се во нови лица). Прашањето е дали ни треба нова свест: дека власта е привилегија само доколку се сфати како одговорност. А одговорноста, по дефиниција, е служба.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.