Skip to main content
Економија

Азески: Дијалогот е клучен за решение за минималната плата, не протестите

16/02/2026  17:37

Дијалогот е клучен за решение на проблемот со минималната плата, истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој денеска беше во посета на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, каде што ќе се отвара Инвестициски центар. Азески прашан за зголемување на минималната плата и протестите на Сојузот на синдикатите на Македонија рече дека со протести нема да се најде решение за зголемување на платите на работниците и затоа неопходен е дијалог и разговор. Во меѓувреме во март треба да се разговара за усогласувањето на минималните плати во државата. 

-Стопати сум повторил, дијалог, дијалог и дијалог, протест не е никакво изразување на некакво мислење. Тоа може само да го искомплицира. Што да речам јас сега, да дадам изјава дека имаше 21 претставник на Синдикатот пред Комора и тогаш одма ќе се скараме. Така е. Затоа што ќе мисли дека нешто навредуваш. Дајте да седнеме да видиме, нема потреба да ја оптеретуваме јавноста. Тоа прашање е регулирано со Закон и во март месец се разговара за усогласување и регулирање. Ние сега наместо во институциите да преговараме, ние седиме на улица. Јас не велам дека мед и млеко тече во Македонија, ги знам сите проблеми, сите пропусти коишто постојат, вели Азески. 

Првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Азески стои на ставот дека неопходно е да се разговара, за да се најде решение кое ќе одговара и за двете засегнати страни и на работниците и на работодавачите.

-Нас подеднакво не интересираат и работниците и работодавачите, нема фирма без работници и без работодавачи. Нашата услога е да бидеме мост, сите сакаме поголеми плати, прашањето е дали има, дали може, вели Азески. 

Според него, доколку во рамките на трипартитните преговори во Економско-социјалниот совет не се постигне договор за минималната плата, потребно е повторно да се седне на заедничка маса и да се продолжи со разговорите.

-Никој не сака да го наруши достоинството на работник, којшто мора да биде почитуван, а на работодавачите да им се восхитуваме затоа што успеваат да направат нешто и да ризикуваат за разлика од другите во општеството, посочи Азески.