
Во општина Сарај има поплавени куќи, по обилните врнежи од дожд. Центарот за управување со кризи соопшти дека се активирани надлежните служби и дека е воспоставена целосна координација на терен.
Според информацијата, директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со градоначалникот Мухамед Елмази и претставници од Владата и институциите, е на терен кај селата Буковиќ и Семениште, каде што ја следат состојбата и ја координираат институционалната реакција.
Во теренските активности, како што е наведено, вклучени се и Беким Сали и министерот за животна средина Мухамед Хоџа, како и Зекерија Бериша.
ЦУК информира дека екипи на противпожарните бригади од Скопје и Тетово вршат испумпување вода од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека ЈП „Водовод и канализација“ работи на стабилизирање и прочистување на канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, Дирекцијата за заштита и спасување врши проценка на штетите и обезбедува логистичка и техничка поддршка во координација со локалните структури.
Од ЦУК порачуваат дека надлежните служби ќе останат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира и не се санираат последиците од поплавите.

