
Обилните врнежи предизвикаа нагло полнење на речните корита во последните 24 часа. УХМР издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови од државата. Состојбата може дополнително да се влоши во текот на денот.
Од Секторот за хидрологија информираат дека во Полошкиот регион, особено во горниот дел од сливот на реката Вардар, е регистриран висок водостој. Постои опасност од заезерување во одделни делови на Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во гостиварско и тетовско.
Зголемен водостој е забележан и на реката Треска, со потенцијално критични точки во селата Пласница и Лисичани. Се очекува пораст и на нејзината лева притока, реката Кичевска, што дополнително ја зголемува опасноста од локални излевања.
Во Пелагонискиот регион и Демир Хисар, реката Црна бележи континуиран пораст, а можни се излевања во делови од Демир Хисар, Кичевско и поширокиот пелагониски крај. Зголемен водостој има и во Охридско-Струшкиот регион, каде реките Сатеска и Коселска се со покачено ниво, со ризик од локални излевања на помалите водотеци.
Од Управата апелираат граѓаните да бидат крајно претпазливи и да избегнуваат движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата. Се препорачува внимателно следење на состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.
Надлежните институции ја следат состојбата на терен, а од УХМР најавуваат редовно информирање доколку дојде до дополнително влошување на хидролошката состојба.


