Страшен и несекојдневен настан му се случил на скопјанецот Красимир Георгиевски сопственик на фирмата Видра Декор.
Според неговите тврдења, за сега непознати лица со багери дошле на неговиот имот во Кисела Вода во петокот попладнето и веќе до сабота наутро го урнале неговиот деловен објект од 77 квадратни метри, а просторот и го заградиле со тараби.
На новопоставените тараби се уште нема информации за тоа кој е инвеститор или изведувач на работите.
„Ова е организиран криминал со голема логистика. Обезбедени ни се камери од случувањата, сите комшии виделе што се случува, кои се што се, сепак препуштам на полицијата да се расчисти оваа дрскост. Приватна своина, некој да дојде преку ноќ да ти го сруши објектот и да не постои сторител. Тоа е невидена работа“ изјаби за Тв Телма, директорот на урнатата фирма Красимир Георгиевски.
Фотографии, снимки на Гугл мапс и Катастарот сведочат дека тука до неодамна постоел објект, а денеска го нема.
Георгиевски вели дека никој никогаш ништо не му најавил, не добил никакви закани. ниту пак од некого бил уценуван.
Ортак на Георгиевски во фирмата е поранешниот градоначалник на Општина Бутел Велимир Смилевски, но Георгиевски не верува дека случајот има политичка заднина.
На конкретната парцела се уште нема градежни активности, иако на соседните се градат згради од различни изведувачи.
Георгиевски најави дека правдата за овој шокантен случај ќе ја бара низ институциите.