Skip to main content
Македонија

Уапсен во Србија е возачот што ја усмрти жената во Капиштец 

11/02/2026  23:55

Осумнаесетгодишниот возач Саит Саитов, кој минатиот месец ја прегази и ја усмрти 75-годишната Љуба Јаковлеска во скопската населба Капиштец, е уапсен во српскиот град Врање. Информацијата вечерва ја соопшти адвокатот Звонко Давидовиќ во подкастот „Претрес“.

Според досегашните информации, по сообраќајната несреќа младиот возач избегал од местото на настанот, а потоа ја напуштил и државата, наводно со помош на неговиот татко и други роднини.

Адвокатот Давидовиќ изјави дека осомничениот ќе биде екстрадиран од Србија во Македонија, додавајќи дека, според неговите сознанија, најверојатно е приведен и таткото на осомничениот.

Тој посочи дека роднините кои помогнале при преминувањето на границата тврдат дека не знаеле оти Саитов е сторител на тешко кривично дело. Според нивните искази, при преминувањето на граничниот премин „Табановце“ не им било познато дека младиот возач е вмешан во сообраќајна несреќа со смртни последици.

„Им верувам на моите клиенти дека не знаеле дека превезуваат сторител на такво тешко кривично дело. Мажот работи во Дирекцијата за заштита и спасување и поради потребите на своето дете со посебни потреби често патувал во Србија за набавка на суплементи“, изјави Давидовиќ.