
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави во земјава, Никол Варнес.
На средбата беше нагласена исклучителната важност на Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД како клучен двигател за зајакнување на институционалната соработка, економскиот развој и долгорочната стабилност на државата.
Вршителката на должност амбасадор Варнес ги поздрави заложбите на министерката Божиновска за системска консолидација на енергетскиот сектор и негово усогласување со европските стандарди. Во тој контекст, беше разговарано за повеќе стратешки проекти во енергетиката, насочени кон обезбедување сигурна, одржлива и конкурентна енергетска иднина за државата.
Министерката Божиновска изрази благодарност за континуираната и силна поддршка што Република Северна Македонија ја добива од САД во клучните области, вклучително спроведувањето на реформите во енергетиката и поддршка за зелената транзиција на земјава.
„Стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува цврста основа за градење стабилна економија, модерен енергетски систем и силни институции. Нашата определба е јасна – реформи, транспарентност и одржлив развој во интерес на граѓаните“, истакна министерката Божиновска.
Двете соговорнички ја потврдија заедничката посветеност за натамошно проширување на економската соработка, интензивирање на инвестициските активности и промоција на демократските вредности, како и заедничките напори во обезбедувањето регионален мир, стабилност и безбедност.
Средбата претставува уште една потврда за силното и стабилно партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, насочено кон долгорочен напредок и просперитет на државата.

