Во знак на Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените- 25 ноември, денеска во Министерството за социјална политика, демографија и млади беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството и Националниот Совет за Родова Рамноправност, претставувано од министерот Фатмир Лимани и претседателката на Советот, Савка Тодоровска.
Со потпишувањето на Меморандумот двете страни уште еднаш ја потврдија подготвеноста за соработка во областа на родовата еднаквост и недискриминацијата, унапредување на состојбите во државата во оваа област, преку преземање на активности на двете страни потписнички.
„Целта на активностите кои во периодот пред нас ќе ги преземеме се во насока на промоција и унапредување на родовата еднаквост и недискриминација и подобрување на услугите и пристапот до сервисите на ранливите групи, посебно на жените жртви на семејно и родово базирано насилство,” истакна Лимани.
Тој истакна дека, Меморандумот ја потенцира важноста на создавање политики и стратегии кои ќе придонесат во намалувањето сите форми на дискриминација, било да се работи за економска, социјална, или културна нееднаквост на жените и мажите.
„Меморандумот поттикнува реализација на долгорочни промени во општествените системи, со цел да се постигне инклузивен раст и развој кој ќе ги вклучи сите луѓе. Истовремено, потпишувањето на Меморандумот ја зголемува одговорноста на министерството но и на вашето здружение за унапредување на положбата на жените. Наша обврска е редовно следење и оценување на напредокот во овие области,” порача Лимани.
Страните се согласија дека со потпишувањето на овој значаен документ се создава силна основа за изградба на правично и инклузивно општество каде што сите индивидуи ќе имаат еднакви можности и ќе бидат третирани со почит и достоинство.