Skip to main content
Спорт

Фудбалерите на Лестер лудо го прославиле отказот на тренерот

25/11/2024  10:40

Фудбалерите на Лестер отворено го прославија отказот на Стивен Купер, во ноќен клуб во Копенхаген.

Стивен Купер повеќе не е менаџер на Лестер. Поразот од Челзи (2:1) на стадионот „Кинг Пауер“ беше последен удар за Велшанецот, кој не успеа да го наметне својот авторитет.

Сепак, она што го предизвика најголемиот шок во фудбалскиот свет не беше одлуката на самиот клуб, туку однесувањето на играчите непосредно пред официјалното соопштение.

Неколку часа пред да добие отказ, фудбалерите на Лестер беа видени во ноќен клуб во Копенхаген, каде отворено го прославија неговиот отказ.

Најжестокот славеле Јаник Вестергард, Виктор Кристијансен и Хари Винкс. Она што особено го привлече вниманието е банерот на кој пишува: „Енцо ни недостигаш“, со кој фудбалерите ја покажаа својата наклонетост кон поранешниот менаџер Енцо Мареска.

Италијанецот кој летово се пресели во Челзи беше омилен меѓу играчите и доаѓањето на Купер не беше добро прифатено во соблекувалната.

Велшанецот наводно не успеал да воспостави авторитет, што доведе до раздор и лоши резултати. Лестер забележа само три победи во последните 12 натпревари.

Оваа ситуација предизвика бура на Островот. Навивачите на Лестер ги осудија играчите, сметајќи дека нивното однесување е непрофесионално и недостојно за клуб со таква традиција.

Во меѓувреме, Лестер ја насочува својата потрага по нов менаџер. Како главни кандидати се споменуваат Грем Потер, поранешниот менаџер на Челзи и искусниот Дејвид Мојс, кој претходно ги водеше Вест Хем, Манчестер јунајтед и Евертон.