
Од неиздавање на фискални сметки во владиното бифе па се до неуредна евиденција на државен имот вреден стотици милиони евра – овие неправилности се утврдени од страна на државниот ревизор во работењето на службата за општи и заеднички работи на Владата за 2024 година
Во текот на дел од 2024 година во владиното бифе не се издавале фискални сметки, а дневниот промет не се уплаќал редовно, туку по неколку месеци. Констатирани се и значително ниски пријавени износи во одредени периоди.
Ревизијата открила и големи разлики меѓу сметководствената и фактичката состојба: кусок на залихи од околу 4,1 милиони денари и недостиг на ситен инвентар од над 4,2 милиони денари, без утврдена одговорност. Дури 95% од залихите се застарени и неупотребливи.
Дополнително, СОЗР не водела точна евиденција за државно земјиште вредно околу 325 милиони евра — дел од веќе продадени парцели сè уште се водат како државни, а за некои локации воопшто нема податоци за користење.
Ревизорите нотираат и слабо планирање на набавки, спорен лизинг на 45 возила без економска анализа, ангажирање привремени лица без соодветни квалификации и случаи на фаворизирачки услови во јавни набавки.
