Skip to main content
Македонија

Зајкова од Брисел: Македонија има целосно право да се самозаштити со европски механизми, исто како што тоа го прави деновиве ЕУ 

05/02/2026  15:27

Претседателката на ЛДП, пратеничката Моника Зајкова, на настанот на Renew Europe во Брисел –  Форум за Западен Балкан 2026 испрати јасна порака дека Македонија има целосно легитимно право да се самозаштити со европски механизми, исто како што тоа деновиве го прави и самата Европска Унија.

Зајкова истакна дека ЛДП е инспирирана и поучена од актуелните дебати во Европскиот парламент, каде што се разгледуваат заштитни клаузули за зачувување на европскиот суверенитет, безбедносни и економски интереси – особено во контекст на Гренланд и ревизијата на веќе потпишаните договори на ЕУ со САД и со Mercosur.

„Апсолутно е вон умот да се очекува Македонија да се однесува неевропски, додека ЕУ со право се самозаштитува со правно обврзувачки клаузули. Ако тоа е европски стандард – тогаш тој мора да важи и за земјите кандидати”, изјави Зајкова.

Таа изрази целосна поддршка на обединетиот европски став дека за иднината, суверенитетот и безбедноста на Гренланд одлучуваат исклучиво граѓаните на Гренланд и Кралството Данска, согласно меѓународното право, додавајќи дека истото правило мора да важи и за Македонија.

„За македонскиот суверенитет, јазик, култура и историски идентитет одлучуваат само македонскиот народ и граѓаните на Северна Македонија”, нагласи таа.

Зајкова посочи дека договореното со ЕУ треба да се спроведе без одлагање, но со јасни и правно обврзувачки заштитни клаузули: преку национални закони, уставен закон, како и со сите исти европски методи.

„Со европски методи, европски мерки и самодоверба, Македонија може да го истрча спринтот кон ЕУ, заклучи Зајкова.