Skip to main content
Македонија

Протест

31/01/2026  12:41

Пишува: Фатмир Битиќи-пратеник во Собранието

Понекогаш државата не се препознава по законите што ги носи и (не) ги спроведува, туку по тонот со кој им се обраќа на граѓаните. За тоа која е државата, повеќе зборува дали тој реторички манир е трпелив и аргументиран, или пак станува збор за остар и одбранбен. Дали поканува на разговор или завршува со реченица што ја суспендира секоја можност за разговор со секого кој има различно мислење од она што е посакувано од Владата. 

Протестот е политички и социјален чин со кој граѓаните, барајќи системско признание на достоинството на трудот,ја соочуваат владината пропагандна реторика во реалноста. 

Длабоко симптоматично е кога нервозата на власта кон синдикалните барања за зголемување на минималната плата преминува и кон самиот чин на протест.  Оваа нетрпеливост зборува за развиена политичка навика секое несогласување да се доживува како закана, наместо како коректив. Притоа, намерно или не, заборавајќи дека демократијата живее од корективи, а не од акламативни и навивачки аплаузи.

Во Скопје, токму тоа се случи пред нашите очи, имавме протест како јавно сведоштво дека еден дел од општеството повеќе не сака да биде „публика“ во сопствениот живот. Синдикатите излегоа на улица сопораки кои го надминуваат барањето за минимална плата од 600 евра. Тие побараа и достоинство на трудот, фер третман и право да се живее без страв од трошоците кои ќе ги донесе следниот месец. 

Овде се наоѓа и суштинската димензија на протестот, која често се замаглува со негови етикетирања како израз на збунет гнев или дека по автоматизам е во нечија политичка режија. Протестот е еден од најстарите демократски јазици кој се активира кога институциите потонуваат во молк, кога разговорот меѓу социјалните партнери се претвора во формалност. Протестот е јавна реченица што општеството ја кажува во прво лице множина: Сакаме достоинствено да живееме.

И токму затоа, начинот на кој власта реагира на протестите е исто толку важен како и самите протести. Ако одговорот е потсмев, етикетирање или нервозно сведување на протестот на политичка игра и партиски пребројувања, тогаш не може да се зборува за одбрана на институционалниот поредок, станува збор страв од јавната корекција. А кога државата се плаши од корекција, таа почнува да личи на структура што сака мир затоа што е удобна во сопствената „непогрешливост“.

Во изјавите на претставниците од власта се препознаватокму таа линија на релативизирање на протестот на синдикатите преку обвинувања за политизација. Дополнително, со префрлањето на тежиштето врз работодавачите, како страна која треба да се договори само со синдикатите, се поставува погрешната теза дека работниците се тие кои одбиле договори и понуди. Како за Владата да е најважно да се добие медиумската битка, а не да се надмине продлабоченоста на социјалната нееднаквост во општеството. 

Но, демократијата функционира како жив организам кој преживува преку расправа, несогласување, па и преку спротивставување – сè додека тоа е достоинствено и ненасилно. Затоа и протестот е општественоконструктивен чин на опоменување, потсетување, на барање на легитимитетот да се заслужи со работа, почит и одговорност. 

Еден од најпознатите историски потсетници за тоа зошто протестот (и притисокот оддолу) е легитимен и демократски посакуван чин, доаѓа од Фредерик Даглас (американски аболиционист и еден од највлијателните борци за човекови права во 19 век): „Моќта не отстапува ништо без барање.“ Оваа реченица е реалистички опис наполитичката природа во која ако нема, јавно, упорно, пристојно, но решително барање, тогаш моќта во општеството се самозатвора во политички оклоп, губејќи го институционалниот сензибилитет за економската и социјална реалност на мнозинството граѓани. 

Постои и социјалдемократска перспектива што во вакви моменти не смее да се заборави,  а тоа е дека протестот е облик на социјален дијалог кој се случува во моменти кога истиот е институционално потиснат. Тој е резервен механизам на демократијата кој го надминува романтизирањето на улицата и е израз на почит кон човекот што се осмелил неговите социјални проблеми да не бидат повеќе невидливи за системот. 

Затоа опасно и погрешно е кога секоја форма на јавноизразено незадоволство ќе започне да се доживува како навреда за државата. Треба да знаме дека државата не е суета, таа е производ на општествен, повеќе или помалку инклузивен, договор. А договорот не се одржува со нервоза кон барањата на работниците, туку со социјална зрелост да им се одговори. Денес, кога синдикатите бараат 600 евра минимална плата и кога тоа барање го изнесуваат јавно, тие не претендираат на рушење на државата, туку ја тестираат нејзината демократска самодоверба.

Затоа, протестот треба да се чита како демократски текст што го пишуваат граѓаните, а не како „проблем“ што треба да се замолчи. Власт што има самодоверба, не се брани од протест, напротив, таа поттикнува и водидијалог со тие кои протестираат. 

И ако денес, во Македонија, сакаме да ја измериме демократската зрелост, треба да погледнеме кој и како се однесува кон протестот на синдикатите. 


Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.