
Актуелниот пратеник во Собранието и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изрази целосна поддршка за протестот на работниците и Сојузот на синдикатите на Македонија, нагласувајќи дека борбата за достоинствени плати е оправдана и неопходна во услови на растечка инфлација и зголемени животни трошоци.
Спасовски посочи дека граѓаните живеат сè потешко, бидејќи цените континуирано растат, додека платите не го следат тој тренд, што директно го нарушува животниот стандард. Според него, барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра е реално и во согласност со економската состојба и потребите на работниците.
Тој истакна дека СДСМ, иако во опозиција, останува цврсто на страната на работниците и активно се залага за подобрување на нивната материјална положба. Како што наведе, партијата предложила закон за зголемување на минималната плата, како и конкретни законски решенија и амандмани за покачување на платите во повеќе сектори, но тие биле одбиени од актуелната власт.
Во своето обраќање, Спасовски потсети и на резултатите од претходното владеење на СДСМ, кога минималната плата била зголемена од 8.000 на над 20.000 денари, а просечната плата од околу 22.000 на повеќе од 42.000 денари.
„Обврска на секоја влада е да обезбеди достоинствени плати и сигурна иднина за работниците“, порача Спасовски.

