
Најмалку 50 мигранти загинале откако брод со кој пловеле потонал во централниот дел на Средоземното Море, според сведоштвото на единствениот преживеан, објави Times of Malta.
Оружените сили на Малта потврдиле дека мажот бил спасен во петокот од товарен брод, во близина на брегот на Тунис. По спасувањето, тој бил пренесен на Малта каде што му била укажана медицинска помош.
Информацијата ја потврди и Alarm Phone, независна мрежа за поддршка на мигранти кои ја минуваат опасната средоземна рута. Во објава на социјалната мрежа X, од организацијата наведоа дека, според изјавата на преживеаниот, околу 50 лица не успеале да се спасат, а групата тргнала од Тунис поминала најмалку 24 часа во вода.
Минатата недела, Alarm Phone информираше и за исчезнување на околу 150 мигранти во централниот дел на Средоземното Море, кои испловиле од Тунис со најмалку три различни пловни објекти. Засега не е потврдено дали бродот што потонал е еден од тие случаи.
Средоземната мигрантска рута и понатаму важи за една од најсмртоносните во светот, а хуманитарните организации постојано предупредуваат на недоволна координација и бавни спасувачки реакции во регионот.

