
Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд Скопје, продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.
Пред Судот беа сослушани тројца оштетени сведоци, законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија.
Двајца од денеска сослушаните сведоци во случајот „Онкологија“ најавија отштетено побарување и се приклучија на кривичниот прогон, додека еден рече дека ниту бара отштета, ниту се приклучува кон кривичниот прогон, нагласувајќи дека дури е благодарен на доктор Нино Васев.
Првиот сведок, чија сопруга била пациент на Нино Васев на Онкологија, одговарајќи на прашања од обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, рече дека во 2013 била оперирана во приватна болница и девет години била добра, но повторно се појавил проблем за кој требало да се вршат испитувања во Турција или Словенија.
– Се одлучивме за болницата Коч, во Турција. Закажавме преглед, кажаа дека е во прогрес и дека треба што поскоро да почне со хемотерапија. Ни рекоа да чекаме шест месеци, и бевме во дилема. Се вратиме во Македонија со целата дијагноза и терапија што требаше да се прима. Дојдовме до врска до доктор Нино, не прими, рече дека може таа терапија и кај нас да ја давам. Рече дека може веднаш да се почне со терапија, изјави сведокот.
Сведокот рече дека на 21 ден ја носел да прими хемотерапија, како и неколку зрачења и витамински терапии.
– Првото зрачење требаше да биде четири дена, но по првото рекоа дека нема потреба. Не викнаа во канцеларија докторот Васев и Мери беше, рекоа во ред е не се плашете, таква е терапијата, појасни сведокот.
Но, како што рече сведокот, состојбата се влошувала и правеле и други консултации, дури биле повторно и во Турција, но немало ефект.
Другиот сведок, чија сопруга, исто така, била пациент на Онкологија, кај Нино Васев од 2007-8 година.
-Во 2005 година и беше констатиран рак на дојка. Иако беше свесна, не сакаше да прима терапии. Некоја година подоцна, јас инсистирав нешто да се преземе, меѓутоа не можеше да се најде, па се насочивме повеќе на храна и алтернативни методи. Користевме разни методи, но немаше некое посебно влошување поради што сметавме дека сме на вистински пат, изјави сведокот.
Тој рече дека барал доктор кај кого можел да се лекува, па го упатиле кај Нино Васев.
– До 2017 немаше никакви влошување дури и смалување. Мислевме дека готово, се заврши работата, меѓутоа есента 2017 ја скрши раката. За кратко време се зголеми многу туморот и требаше да се направи операција. Се оперираше во приватна болница, по што беше на хемотерапија и сите анализи покажаа дека нема веќе ништо, се е исчистено, рече сведокот.
Кон 2020 година, сведокот рече дека повторно почнала да чувствува рекации и по предлог на доктор Нино Васев, направиле снимање на глава, бидејќи почнал да и се менува говорот.
– На магнетна резонанца се покажа некое топче во главата. Во 2021 беше оперирана на тумор на главата. Операцијата не беше многу успешна и за кратко време се повтори. За цело време примаше терапија, но ништо не и помагаше. Имаше и зрачење и ништо, изјави сведокот.
Сведокот рече дека е многу благодарен на доктор Нино Васев, што со неговата терапија и помош, неговата сопруга успеала да дочека дипломирање на синот и дури да прошетаат низ Европа.
– Мое лично мислење е дека многу пократко ќе завршеше нејзиниот живот ако останеше да се лекува како претходно. Не се приклучувам на кривичен прогон, напротив, изјави сведокот.
Последниот сведок, чиј татко бил пациент кај Нино Васев на Клиниката за онкологија во 2021 година, кажа дека цело време бил со него и знае за терапијата што ја примал.
– Кога почна со терапијата во октомври, почна со хемотерапија и имунотерапија. Тоа траеше до декември, потоа во јануари отиде на зрачење, по што продолжи да прима терапија до јуни-јули 2022 година. Како што минуваа месеците, тој беше се послаб и послаб. Освен кога имаше зрачење на мозокот и примање на инфузија за мозокот имаше подобрување, можеше да движи и збори. Без таа терапија манитол немаше ориентација, беше поспан и му се вртеше, изјави сведокот.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска.
Следното рочиште е на 9 февруари, за кога, како што е најавено, ќе треба да се почне со сослушување на вешти лица од Словенија, кои ги работеле медицинските вештачења за Обвинителството. За сослушување на вештите лица од Словенија се закажани повеќе рочишта во февруари.
Согласно најавената динамика, кон крајот на март, ќе треба да се почне со сослушување на вешти лице од Србија, кое, исто така, работеле медицински вештачења на Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред Судот, по што Судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

