
Прес конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче
Има една книга „Илјада зошто,илјада затоа”, верувам добро е позната, во Македонија многу семејства се уште ја чуваат во библиотеките.
Она што денес го претставуваме е токму тоа – илјада наслови за сите да се прашуваат зошто нешто се случува? За секое „зошто” има одговор затоа.
Денес сакавме да ви ги претставиме дел од илјада токсични наслови што успеавме, за ова кратко време, од вчера да ги собереме.
Морам да кажам не беше воопшто тешко, бидејќи ова е само мал дел од она што медиумскиот октопод на ВМРО го произведе за толку краток период.
Погледнете, вака изгледа секојдневието на СДСМ и мое лично. Вака се будиме, вака заспиваме, вака функционираме. Со ова се бориме секојдневно. Невистини, лаги, навреди, хајки, линч, навреди итн. Во ова се вложени милиони евра. Ова е нивното разоткривање.
Зошто власта го прави ова – за ДЕФОКУС од вистинските реални проблеми.
Кога започна да се зголемува интензитетот на нападите врз мене и врз СДСМ? Кога откривме дека постои договор „мигранти за пари”, кога почнавме да објавуваме „бомби”, 161 тендер за една фирма, 52 милиони евра преку општините, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра преку Пошта, сè за ортаците на Мицкоски. Кога кажавме дека недостига една милијарда евра, а сега, за жал, веќе недостигаат две милијарди, а јануари сè уште не е ни завршен.
Најжестокиот удар врз нас започна по нашата објава за Алфа ТВ и нивната поврзаност со цела мрежа што оди преку Белград, СНС, па до Будимпешта и Орбан. И тргнаа со сите сили врз нас.
Во Здруженијата на новинарите, гледавме последен зрак надеж дека ќе можат да се одбранат од притисоците на ВМРО и да застанат на страната на вистината. Се уште чекаме одговор за поднесените осум претставки за навреди од страна на Геровски. Тој ме споредува со убиец на деца, замислете убиец на 300 деца. И никој не реагира.
Не се реагира ниту на сето ова што денеска го гледате собрано на едно место денеска.
Погледнете ги овие токсични, ужасни наслови, тие зборови, тие изрази. Можете ли да замислите како ние се чувствуваме? Дали ние некогаш сме изјавиле, рекле или напишале нешто вакво? Не, никогаш.
Во дел од медиумите велат дека ние таргетираме? Кого? Оние што ова го пишуваат? Тие нам ни велат „Ве држиме на нишан!” Кога некој застанал во одбрана на некого од нас? Не како политичари, туку како луѓе? Зар мислите дека ова што е напишано на овие насловни страници е човечки? „Глупави, будали, јадете, идиоти итн” Ова не постои никаде, ама баш никаде!
Сега дозволете да ви ја прочитам, поточно да ја цитирам, најавата за мојот линч, повторно, уште на 19 ти декември минатата година!
„ Венко Филипче кој што треба да одговара за криминали од набавката на вакцини до клинички центри “
И ова е најава ако сакате така да ја наречам на една ваша колешка, претседателка на едно од таканаречените независни здруженија на новинари. Дали е сега појасно кога велиме дека е сценарио, смислено и координирано?
Оваа количина омраза не може да постои кај независен новинар. Ова може да го каже само лице длабоко поврзано со ВМРО. Потоа, врз сето тоа, следуваат организирани напади врз нас и одвнатре, со луѓе кои се купени, некои уценети. Го видовме тоа веќе, емисијата оди во живо, паралелно излегуваат вести на портали под контрола на ВМРО.
Она што е важно граѓаните да го знаат, додека се објавува лажна вест, во позадина се одвива кражба. Додека ние се занимаваме со лажни вести, измислени афери Жан, кули итн, а притоа паралелно на тоа Мицкоски на средба во Давос преку посредничка компанија договара мигранти. Така тоа оди – кучињата си лаат, караванот си врви.
Вчера ја добивме и последната потврда дека сме единствена вистинска опозиција на политичката сцена во Македонија. Организирани напади врз нас преку контролирани медиуми и наши петтоколонаши беа доволни за да стане јасно дека со цела сила удривме во осиното гнездо. Сакаат да ја запрат единствената вистинска и конструктивна опозиција.
Единствената опозиција, затоа што се бориме против криминалот на власта, се бориме за подобар живот на граѓаните, на сите граѓани на Македонија. Она што граѓаните денес го гледаат е дека сме конструктивна, а не контролирана опозиција, како некои други.
Бевме контруктивни за многу работи, за реформските закони, за закони за поголема минимална плата кои беа одбиени, за поголеми примања во приватниот сектор, кои исто така беа обиени, за намалување на цените на храната, исто така бевме одбиени, за намалување на цената на струјата,исто така владата не одби за се.
Бевме конструктивни во Собранието во однос на анкетната комисија за трагедијата во Кочани, која тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ ја преврте целосно и сега не се спроведува.
Бевме конструктивни и во однос на запирањето на проектот мигранти за пари. Понудивме Резолуција што сакавме заеднички да ја потпишеме и поднесеме во Собранието, за да ја обезбедиме безбедноста на граѓаните.
За возврат, од тендер-коалицијата добивме Декрет по примерот на Третиот рајх, со кој се забранува слободата на говор.
Бевме конструктивни и во однос на безбедносниот сообраќаен проект „Safe City”, започнат во време на владата на СДСМ, со цел да се усвојат механизми и да се води сметка за контролата на огромната количина на податоци кој овој систем ќе ја контролина. Никој од Владата нема слух за ова.
Велат дека не сме биле конструктивни затоа што одбивме средба со тендер-коалицијата во врска со укинувањето на единствениот механизам кој може да обезбеди фер и демократски избори.
Како да бидеме конструктивни со поддршка на ваква организирана криминална група? Тоа не се вика конструктивност, туку соучесништво во криминал и корупција. Ние тоа го одбивме. Контролираната опозиција видовме отиде на таа средба и видовте дека ништо не се договори, затоа што целта не беше договор, туку давање легитимитет на оваа тендер-коалиција.
За крај на оваа прес конференција, сакам да ви кажам дека уште денес ќе се обратиме до Европската Унија, до нејзините институции, како и до сите меѓународни организации за заштита на слободата на говор и слобода на медиумите.
Ова нема да нè запре. Сега сме посилни, затоа што ова е јасен показател дека сме на вистинскиот пат, на патот на вистината и правдата. А правдата ќе победи!

