Skip to main content
Македонија

ССМ во среда излегува на протест за поголеми плати

21/01/2026  15:28

Сојузот на синдикати на Македонија излегува на протест во среда. Протестирајќи, нивната цел е да го изразат незадоволството од ниските плати. Бараат минималната плата да изнесува 600 евра и да се зголемат останатите за 100. Протестот ќе почне од 17 часот од зградата на ССМ и ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.

Трендафилов потсети дека и во анкетата на ССМ работниците се изјасниле дека се подготвени да излезат на протест доколку не се зголемат платите. 

– Ова е само првиот чекор што го преземаме од низата чекори што ќе ги преземеме во следниот период, а ќе значат дополнителни протести, дополнителни таргетирани блокади на одредени институции и 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор, а доколку немаат слух ќе собереме 10.000 потписи и ќе станеме овластен предлагач и ќе побараме намалување на функционерските плати за 78 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на останатите плати, рече Трендафилов.

Не верува дека ќе бидат викнати на разговори затоа што, како што вели, цела 2025 година тоа го правеле. 

– Уште денеска можат да ја зголемат минималната плата на 600 евра и сите останати плати за 100 евра. Нема да го направат тоа, ниту пак ќе не повикаат на разговор. Ако некој смета дека ние треба само да седиме и да разговараме, тоа го правиме цела 2025 година, а кога ќе седнеме на маса ни велат договорете се вие, а ние тоа ќе го прифатиме. Се додека не ги зголемат работничките плати и се додека слушаме само „ќе“, се дотогаш работниците ќе бидат незадоволни и ќе протестираат, истакна Трендафилов.  

Минатата година, како што посочи немало драстично зголемување на платите, а веќе од јануари синдикалната кошничка е зголемена за речиси илјада денари. Додаде дека со ваквите политики, од државата се иселуваат квалификувани кадри со целите семејства, а се доселуваат странци кои ги пополнуваат работничките места. 

– Тоа што ние го укажувавме цела 2025 година, а нив не им се веруваше, се случи. На 1 јануари се зголеми не само минималната плата секаде во регионот, туку и останатите плати. На 50 километри од Скопје работниците може да изберат да работат за повисока минимална плата. Тоа што работодавачите и избраните и именуваните лица не го сфаќаат е дека минатата година легално заминале на работа 11.500 работници во Хрватска, а тројно или четири пати повеќе заминале да работат во една странска држава. Ние сакаме домашните работници, да ги замениме со странци. Затоа квотата е зголемена на 10.000. И на претходната влада и на оваа Влада и го укажувавме тоа, рече Трендафилов. 

ССМ повеќе од една година бара зголемување на минималната плата посочувајќи дека растат животните трошоци и дека македонскиот работник станува се посиромашен. Во државите од регионот, освен во Косово, како што посочуваат, минималната плата е над 500 евра.