Skip to main content
Свет

Словенија воведува помалку работни часови

16/01/2026  21:37

Во Словенија стапува на сила нов закон кој им овозможува на вработените кои се блиску до пензија да го скратат работното време.

Поточно, вработените постари од 58 години, како и оние со најмалку 35 години стаж, ќе можат да изберат: да имаат слободен петок и со тоа да го продолжат викендот, или да работат шест часа на ден.

Ова го потврди Министерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности за словенечките медиуми, а се подготвуваат и подзаконски акти кои ќе овозможат спроведување на овие нови правила.

Моделот наречен 80-90-100 предвидува работно време од 80 проценти, плата од 90 проценти и целосни придонеси како да се работи 100 проценти. Оваа идеја делумно ги презема искуствата на Исланд, Ирска и Германија, каде што слични модели доведоа до позитивни резултати: поголема продуктивност, помалку отсуство од работа и подобра ефикасност. Во Словенија, пилот-проекти веќе се спроведени во технолошките компании, кои покажаа слични резултати.

Министерството за труд, предводено од Лука Месец од партијата Левица, наведува дека доколку промените се покажат како успешни, ќе направат чекор понатаму во либерализацијата на трудовата регулатива. До крајот на 2028 година, можни се и дополнителни промени: надомест за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите вработени и воведување на 38-часовна работна недела.