Skip to main content
Свет

Мадона со порака за Иран: „Држете се цврсто, јас сум со вас“

16/01/2026  21:31

Поп-иконата Мадона јавно застана зад народот на Иран, упатувајќи порака на поддршка и солидарност во време на масовни протести и репресии. Во објава на Инстаграм, 67-годишната пејачка сподели видео на кое јава коњ низ пустината во Мароко, правејќи паралела меѓу сопствената слобода и борбата на Иранците. Таа е меѓу ретките светски ѕвезди кои отворено ги поддржуваат демонстрантите во Иран.

Таа истакна дека многу слободи што луѓето на Запад ги земаат здраво за готово – патувањето, облекувањето, слободниот говор и изборот на сопствен пат им се ускратени на жените во Иран.

„Слободата да патувам низ светот. Да носам што сакам. Да јавам коњ низ пустината. Да зборувам слободно и да не бидам замолчена од казни, тортура и можна смрт. Да пеам. Да танцувам. Да го изберам својот духовен пат, а не туѓиот… Жените во Иран немаат таа слобода. Јас сум со нив“, порача таа.

Во завршницата на пораката, Мадона нагласи дека иранскиот народ со векови живее без вистинска слобода и дека, иако не може целосно да го почувствува нивното страдање, нејзините мисли и молитви се со нив.

„Времето е сега. Држете се цврсто! Јас сум со Иран. Нека се чујат нивните гласови… СЛОБОДЕН ИРАН!“, напиша таа.

Протестите во Иран започнаа кон крајот на декември 2025 година поради економската криза и наглиот пад на вредноста на валутата, а се проширија во повеќе од 180 градови. По исклучувањето на интернетот на 8 јануари, иранските власти започнаа жестока репресија, при што безбедносните сили употребија екстремно насилство за задушување на демонстрациите.