Skip to main content
Магазин

Истражување: Младите од генерацијата З сè поретко готват и сè почесто избираат готова храна

16/01/2026  16:52

Сè поголем број млади припадници на генерацијата З се откажуваат од готвењето и наместо тоа нарачуваат храна или купуваат готови оброци од супермаркетите, покажуваат резултатите од истражување спроведено од компанијата за производство и продажба на готова и здрава храна „Мерчант Гурме“ (Merchant Gourmet), во кое учествувале 2.000 испитаници. Според наодите, 35 проценти од младите на возраст под 28 години најчесто нарачуваат храна за вечера, додека 29 проценти се одлучуваат за однапред подготвени сендвичи или слични брзи оброци. Шест од десет анкетирани изјавиле дека денес имаат помалку време за готвење од кога било, а 47 проценти посочиле дека во текот на работната недела располагаат со помалку од 30 минути за подготовка на оброк.

Генералниот директор на компанијата, Ричард Пик, истакнува дека младите се во фаза кога истовремено градат кариера и личен живот, а во услови на ограничено време, практичноста често го надминува интересот за готвење. Истражувањето покажува дека во изминатата деценија, времето посветено на готвење во текот на една недела е намалено за 20 проценти, додека 38 проценти од младите денес избираат поедноставни рецепти. Повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат „заробени“ кога станува збор за подготовка на оброци, а 31 процент навеле дека недостигот од самодоверба во кујната е доволна причина да се одлучат за готова храна. Дополнително, 31 процент од младите стравуваат дека ќе фрлат храна доколку новиот рецепт не им успее, додека 22 проценти велат дека често немаат при рака сите потребни состојки за експериментирање. Сепак, 29 проценти од испитаниците наведуваат дека би се охрабриле да подготват нов рецепт доколку тој претходно бил „проверен“.