
Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија
„Доколку САД нападнат друга членка на НАТО, тоа би значело крај на тој воено –политички сојуз“
Во период кога сè позачестено се зборува за заканите на актуелната администрација на САД за анексија на Гренланд–аутономна територија на Кралството Данска, чувствувам морална и професионална одговорност за произнесување во врска со наведеното прашање. Изјавите и сè позачестено обновуваните закани на актуелната американска администрација, предводена од претседателот Доналд Трамп, во врска со можноста САД да го анектираат Гренланд, претставуваат сериозен политички и безбедносен парадокс во рамките на евроатлантскиот одбрамбен систем. Иако дел од овие изјави често се интерпретираат како реторички ексцеси или елемент на политички притисок, нивната суштинска содржина отвора фундаментални прашања за кредибилитетот, кохезијата и самото постоење на НАТО алијансата.
Затоа, неодамнешната оценка на премиерката на Данска, Мете Фредериксен дека „Доколку САД нападнат друга членка на НАТО, тоа би значело крај на тој воено – политички сојуз“, претставува прашање за кое САД, односно претседателот Доналд Трамп, треба добро да размисли пред да преземе каква и да е активност за евентуална анексија на територија на која и да е сувереа земја, и посебно на земја – членка на НАТО алијансата, каква што е Данска.
Гренланд со векови е автономна територија во состав на Кралството Данска – суверена држава и полноправна членка на НАТО од 1949 година, додека данскиот народ е еден од скандинавските – европски мирољубиви народи. Оттука, секоја форма на закана, притисок или, во крајна линија, воена интервенција врз Гренланд, de facto претставува закана врз територијалниот интегритет на една суверена и мирољубива НАТО членка од страна на друга НАТО членка. Идејата за анексија или присилно преземање на територија на туѓа земја е апсурдна од аспект на меѓународното право, но уште поапсурдна од аспект на логиката на НАТО како колективен безбедносен систем.
Членот 5 од Северноатлантскиот договор јасно утврдува дека вооружен напад врз една или повеќе членки на алијансата ќе се смета за напад врз сите. Тој претставува сржта на концептот на колективна одбрана и основа на меѓусебната доверба меѓу сојузниците. Затоа, во контекст на хипотетичка американска интервенција врз Гренланд, се појавува суштински нерешлива правна и политичка дилема: дали Данска би имала право да се повика на член 5 против САД?; и дали останатите членки би биле подготвени да реагираат против водечката сила на алијансата? Самото поставување на овие прашања укажува дека таков развој на настаните би го довел НАТО во состојба на институционален колапс.
Доколку заканите навистина би се реализирале, последиците за НАТО би биле катастрофални. Ова дотолку повеќе што НАТО не е „дизајниран“ да решава конфликти меѓу свои членки, а уште помалку вооружен конфликт предизвикан од најмоќната членка против помала сојузничка држава. Колективната одбрана функционира исклучиво врз основа на доверба. Ако една членка може да ја загрози територијата на друга без последици, во тој случај членот 5 на Северноатлантскиот договор станува симболичка, а не реална гаранција.
НАТО алијансата својата улога ја оправдува преку повикување на меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите. Евентуалната агресија врз Данска би ја лишила алијансата од секој морален и политички кредибилитет. Помалите и средните членки би почнале сериозно да ја преиспитуваат смислата на членството во алијанса која не може да ги заштити од внатрешни закани. Таков чин би создал опасен преседан во меѓународните односи. Со други зборови, Русија, Кина и други глобални актери би добиле аргумент повеќе дека правилата на меѓународниот поредок се применуваат селективно, што дополнително би го еродирало веќе кревкиот систем на глобална безбедност.
Затоа, заканите за анексија на Гренланд не се само дипломатски некоректни или политички контроверзни, тие се деструктивни за самата НАТО алијанса. Доколку навистина би се реализирале, НАТО не би се соочил со криза туку со прашањето за сопственото постоење. Во такво сценарио, алијансата би престанала да биде колективен одбранбен механизам и би се трансформирала во празна институционална форма, лишена од суштина, доверба и легитимитет.
Евентуалното реализирање на најавените закани на американската администрација истовремено би ги ставила во неповолна позиција земјите кои безрезервно ги поддржуваат постапките на претседателот Трамп, независно од тоа дали тие секогаш биле/ се во согласност со меѓународното право, или не. Фактот дека Заедничката изјава, од 6 јануари 2026 година, беше објавена во име на претставниците само на шест земји членки на ЕУ и Велика Британија, доколку не грешам, претставува лош знак – еден вид најава за евентуален раздор меѓу самите земји членки на ЕУ и НАТО, во врска со суштинско принципиелно прашање, околу кое не би требало и неможе да има двојство.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

