
На самиот почеток на туристичката сезона во Охрид започнаа градежни активности за реконструкција на дел од Старата чаршија и плоштадот кај Чинаро, што предизвика реакции кај граѓаните и туристичките работници.
Наместо уреден и подготвен центар за пречек на домашните и странските посетители, еден од најфреквентните делови на градот деновиве е претворен во градилиште, со механизација, прашина и отежнато движење.
Жителите реагираат дека вакви инфраструктурни зафати требало да бидат реализирани во зимскиот период, кога бројот на посетители е значително помал, а не во момент кога градот се подготвува за летниот туристички бран.
Останува да се види дали работите ќе завршат навреме и дали реконструкцијата ќе придонесе за подобар изглед на овој значаен дел од Охрид пред шпицот на сезоната.


