
Русија со дронови нападна два цивилни брода под странско знаме во регионот на Одеса, при што загина еден сириски државјанин, а еден е ранет, соопшти денеска заменик-претседателот на украинската Влада, Олексиј Кулеба.
Еден од бродовите, кој пловел под знамето на Сент Китс и Невис, бил мета на нападот додека се движел кон пристаништето Чорноморск за да преземе жито. Вториот брод, под знаме на Коморските Острови, превезувал соја и бил нападнат во близина на пристаништето во Одеса.
– Ова е уште еден показател дека Русија намерно ги таргетира цивилните објекти, меѓународниот бродски сообраќај и логистиката на храна, истакна Кулеба.
Според украинските пристанишни власти, во текот на изминатата година се забележани 96 руски напади врз пристаништата во областа на Одеса, што е речиси тројно зголемување во однос на 2024 година.

