Skip to main content
Македонија

Крај на пушењето: Македонија подготвува најстрог закон против пушењето досега

09/01/2026  18:13

Македонија е на чекор до донесување на најригорозниот закон за заштита од пушење досега, кој драстично ќе го промени секојдневието на пушачите, угостителите и трговците. Според нацрт-верзијата на законот до која дојде Телевизија Телма, се подготвува целосно исфрлање на цигарите од јавниот живот и затворените простори, без исклучоци.

Новиот закон, кој наскоро треба да се најде на платформата ЕНЕР на јавна дебата, предвидува целосна забрана за пушење во сите објекти за исхрана – ресторани, кафулиња, барови, меани и кантини. Забраната нема да се однесува само на затворените простории, туку и на терасите, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни, со што практично се укинува пушењето и на најголемиот дел од досегашните „покриени“ тераси.

Законот навлегува и во приватната сфера кога станува збор за заштита на децата. Се воведува строга забрана за пушење во автомобил доколку во него се превезува малолетно лице. Дополнително, пушењето ќе биде забрането и на автобуски и железнички станици, пазари и други јавни простори.

Рестрикциите се прошируваат и на електронските цигари и вејп уредите. Новиот закон ги изедначува класичните тутунски производи со електронските, па истите забрани ќе важат за сите видови никотински уреди. Особено ригорозна мерка е целосната забрана за ароми и вкусови, при што се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат какви било додадени вкусови.

По примерот на неколку западноевропски земји, се предвидува и забрана за визуелно изложување на цигарите. Тутунските и електронските производи нема да смеат да бидат видливо поставени на рафтовите во маркетите и киосците, а се забранува и секаква форма на рекламирање.

Креатор на законските измени е Министерството за здравство, од каде што посочуваат дека целта е да се спречи, како што велат, „здравствена катастрофа“ и да се заштитат идните генерации. Официјалните податоци покажуваат дека над 45 проценти од возрасното население во Македонија се пушачи, што е значително над европскиот просек. Околу половина од пушачите консумираат повеќе од 20 цигари дневно, а годишно приближно 4.000 лица умираат од болести поврзани со пушењето.