
Лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, повторно побара Владата да прогласи вонредна состојба по поплавите во земјата, упатувајќи и остар апел до граѓаните.
– Каде и да видите министри, фрлајте јајца или домати по нив, тие се главната причина за вашите несреќи, рече Бериша на тркалезна маса на дел од опозицијата и граѓанското општество.
Тој образложи дека опозицијата бара техничка влада за да се организираат слободни и фер избори, бидејќи, како што рече, тие веќе не постојат.
– Нашата мисија е соборување на оваа Влада и слободни избори. И второ, да не се попречува правдата, изјави Бериша, на средба на која, и покрај поканата, не присуствуваа претставници на четири поголеми опозициски партии.
На обвинувањата дека Владата е виновна за поплавите, премиерот Еди Рама одговори дека ваквата состојба не ја погодува само Албанија, туку и целиот регион.
– Дождот не престанува со клевети или протести туку со застанување на страната на граѓаните, порача Рама, додавајќи дека е потребно трпение и солидарност, а не барање „имагинарни виновници“.
Тој посочи дека лошото време ги зафати и Италија, Грција, Црна Гора, Косово и Турција.

