
Иранските власти драстично го ограничија пристапот до интернет откако земјата вчеравечер, на 8 јануари, беше зафатена од најголемите демонстрации од почетокот на тековниот протестен бран. Снимки објавени на социјалните мрежи и извештаи на странските новински агенции сведочат за сериозна ескалација на насилството.
Во главниот град Техеран, илјадници граѓани излегоа на улиците. Активисти објавија видеа на кои се гледаат запалени возила, додека очевидци за агенцијата АФП изјавиле дека безбедносните сили употребиле солзавец за да ги растераат маскираните демонстранти. Слични судири меѓу полицијата и демонстрантите се пријавени и во западниот град Абадан.
Протестите, кои првично избувнаа поради високите трошоци за живот и тешката економска состојба, влегоа во својот дванаесетти ден и досега се прошириле во најмалку 50 градови низ целата земја.
Ограничувањето на интернетот, според набљудувачите, има за цел да го намали ширењето на информации и координацијата на протестите, но воедно предизвика дополнителен револт кај населението. Властите засега не соопштуваат кога пристапот до интернет ќе биде целосно нормализиран.
