
Професорот по кривично право Гордан Калајџиев на социјалните мрежи реагира дека деновиве добил две решенија за оданочување на дневници и патни трошоци, кои, како што наведува, ги примил во 2020 година и кои сега му се третираат како „доход“.
„Деновиве добив не едно, туку две решенија за оданочување на дневници и патни трошоци како ‘доход’ за далечната 2020 година. Ако е празен буџетот, да ви дадам на заем?!“, напиша Калајџиев во својата објава.
Во дополнителни коментари тој појаснува дека патувањето било службено и организирано од државата, а неговиот ангажман бил во својство на експерт во меѓународна организација, без надомест.
„Државата ме праќала како експерт во меѓународна организација, за што сум работел pro bono, а сега ми наплаќа 10 проценти од трошоците што Советот на Европа ми ги вратил за патните трошоци. Ем шуто, ем боде!“, напиша Калајџиев.
Неговата реакција предизвика бројни коментари и реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните ја критикуваат праксата на ретроактивно оданочување и третирањето на службени трошоци како личен доход.
