Skip to main content
Свет

Кирибати прва ја дочека 2026 година

31/12/2025  13:59

Новата 2026 година најпрво настапи во островската држава Кирибати, и тоа во 11:00 часот по македонско време, со што официјално започна глобалниот влез во новата календарска година.

Кирибати, поточно островот Киритимати во архипелагот Лајн, е првата населена точка во светот што ја дочека Новата година, поради својата временска зона UTC+14. Киритимати, познат и како Божиќен остров, брои околу 5.000 жители и традиционално прв го означува почетокот на новата година на планетата. Според локалните власти, и годинава не биле планирани поголеми јавни настани или организирани прослави.

По Кирибати, островските држави Самоа и Тонга ја дочекаа Новата 2026 година во 12:00 часот по македонско време, согласно нивната временска зона UTC+13.

Со организирани огномети и јавни настани, Новата година ја пречека и Нов Зеланд, со што Пацификот прв во светот официјално влезе во 2026 година. Во Окленд, најголемиот град во земјата и првиот поголем град што ја дочека Новата година, беа осветлени главните знаменитости, а на кулата „Скај Тауер“ беа проектирани фотографии од посебни моменти испратени од граѓаните во текот на 2025 година.

Одбројувањето започна на мостот „Окленд Харбор Бриџ“, по што следеше спектакуларен огномет од „Скај Тауер“. Огномет и музичка програма беа организирани и во главниот град Велингтон.

Новата година во главниот дел од Нов Зеланд настапи во 12:00 часот по македонско време, додека Четемските Острови ја дочекаа 2026 година 45 минути порано.