
Во изминатата година, Управата за финансиска полиција оствари конкретни и мерливи резултати во заштитата на јавните финансии и владеењето на правото, истакна директорот на Управата, Слободан Ивановски.
„Со чувство на одговорност можам да констатирам дека вложениот труд и професионалниот пристап на вработените дадоа видливи резултати. Работевме фокусирано, по јасно утврдени приоритети и со целосна посветеност кон јавниот интерес“, посочи Ивановски.
Во текот на годината, Управата за финансиска полиција поднесе 44 кривични пријави против 206 лица, од кои 147 физички и 59 правни лица. Преку спроведените постапки е утврдена штета од речиси 3 милијарди денари и противправна имотна корист од над 400 милиони денари, односно вкупно над 3,36 милијарди денари јавни средства опфатени со истраги.
Паралелно со оперативните активности, Управата интензивно работеше на јакнење на институционалната и меѓународната соработка. Поддршката од меѓународните партнери, како и соработката со домашните институции, значително ги унапредија капацитетите на Управата и ја зацврстија нејзината позиција како кредибилен и доверлив партнер.
Ивановски посочи дека особено е горд на подобрувањето на условите за работа на вработените. „Како институција успеавме да ги зголемиме платите, како и да обезбедиме опрема и средства, што претставува значаен поттик за мотивација, поголема посветеност и ефикасност во извршувањето на задачите“, нагласи директорот на Управата за финансиска полиција.
Како директор, Ивановски јасно и недвосмислено застана зад принципот на неселективна правда, нагласувајќи дека лично ја презема одговорноста Управата за финансиска полиција да остане институција со висок интегритет, отпорна на влијанија и целосно посветена на јавниот интерес.
„Во 2026 година продолжуваме уште поодлучно – со засилени истраги, поголема институционална координација и јасен фокус на заштита на јавните финансии и владеењето на правото. Борбата против финансискиот криминал и корупцијата останува мој врвен приоритет, затоа што правдата мора да биде подеднаква и видлива за сите“, порача Ивановски.
