Skip to main content
Свет

Сијарто: Политиките на Брисел ја туркаат Европа во криза

30/12/2025  20:40

Брисел континуирано дава погрешни одговори на клучни предизвици како што се војната, миграциите и енергетската безбедност, со што го кочи просперитетот на европските граѓани и ја доведува во прашање иднината на целиот континент, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.

Тој порача дека гласот на граѓаните повеќе не може да биде игнориран, бидејќи низ Европа започнала т.н. „патриотска револуција“. Според Сијарто, „билансот на неуспехот“ на раководството во Брисел е јасно видлив европските земји, како што рече, сè повеќе се приближуваат до војна, мигрантите ги преплавуваат улиците на западните градови, а трошоците за енергија за домаќинствата нагло растат. Во објава на Фејсбук, тој истакна дека Унгарија била првата земја што јасно ставила до знаење дека нема да учествува во војната во Украина, дека нема да прима мигранти и дека нема да се откаже од руските енергенси. Како резултат на тоа, додаде, земјата ги задржала најниските трошоци за комунални услуги во Европа.

– Имаме национална влада, се потпираме на здравиот разум и реалноста и се водиме исклучиво од интересите на унгарскиот народ, нагласи Сијарто.

Тој оцени дека неуспешната политика на Брисел станува сè поочигледна и дека ширум Европа расте свеста оти само националните влади можат да ја запрат надолната патека на континентот. Сијарто наведе дека токму поради тоа претстојниот изборен циклус е од голема важност, тврдејќи дека Брисел сака да ја отстрани актуелната унгарска влада, која отворено ги оспорува политиките што, според него, ја довеле Европа во криза.

Тој обвини дека Брисел заговара модел на „марионетска влада“ која би ги следела инструкциите без отпор би испраќала пари, оружје и војници во Украина, би примала мигранти и би се откажала од руските енергенси.

– На изборите во 2026 година ќе се одлучува дали Унгарија ќе остане надвор од војната или ќе биде вовлечена во неа, дали ќе ги задржи ниските енергетски трошоци или ќе дозволи нивен нагол раст, порача Сијарто, нагласувајќи дека суштинското прашање е дали земјата ќе ја води национална или „марионетска влада“.