Skip to main content
Балкан

Албанија ќе произведува оклопни возила и борбени дронови

30/12/2025  18:51

Албанскиот премиер Еди Рама објави дека Албанија ќе започне со производство на оклопни возила и борбени беспилотни летала, како дел од развојот на домашната одбранбена индустрија.

На традиционалната предновогодишна средба со новинарите, Рама посочи дека целта на земјата е да го достигне просекот на членките на НАТО во однос на финансиската поддршка за одбрана. Тој додаде дека оваа година Албанија е опремена со ракетен систем „Џавелин“, три патролни бродови од Италија и радари за воздушен надзор во соработка со Франција.

– „Она што останува главна амбиција, Албанија како земја што произведува воени капацитети, не е само да ги користи овие капацитети за сопствени потреби, туку и да извезува, и затоа оваа година е историска година за нашата армија, бидејќи се поставени темелите на одбранбената индустрија ‘Произведено во Албанија’“, истакна Рама.

Премиерот додаде дека е формирана државна компанија која веќе потпишала партнерства со локални и странски фирми за производство на муниција, амбулантни и полициски патролни возила.

– „Ќе произведуваме борбени дронови, а ќе произведуваме и системи против дронови, а првите нарачки се веќе направени. Во првите шест месеци од 2026 година сигурно ќе ги видите првите производи, додека ние продолжуваме да работиме на реализација на други договори за поморската индустрија и воздухопловната индустрија“, рече Рама.

Тој се пофали дека „Албанија денес е една од земјите со највисок капацитет за кибер одбрана“.