
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит од 20,9 милиони евра на Северна Македонија за набавка на нови електрични локомотиви и воведување на модерен систем за планирање на ресурсите на Македонски Железници Транспорт (МЖТ). Проектот има за цел да ја зголеми ефикасноста на железничкиот сообраќај, да ги намали емисиите на јаглероден диоксид и да ги подобри безбедноста и квалитетот на услугата.
Дополнително, ќе придонесе кон подобрување на оперативната и финансиската одржливост на МЖТ преку подготовка на Корпоративен план за развој. Финансирањето ќе овозможи набавка на пет нови електрични локомотиви и воведување на современ систем за планирање на ресурсите (ПРП), што ќе ги модернизира товарниот возен парк, ќе ја зајакне ефикасноста и ќе ги намали застојите во работењето. Проектот се спроведува под водство на Министерството за транспорт, со поддршка од Министерството за финансии, и се очекува да донесе значајни економски и еколошки придобивки, поттикнувајќи транзиција кон позелен и поконкурентен транспортен систем. Со воведување на системот за ПРП, ќе се поедностави работниот процес, со што ќе се подобри оперативната ефикасност на компанијата. Проектот, исто така, ќе придонесе кон родова еднаквост и создавање поинклузивна и прогресивна работна средина во МЖТ.
,,Оваа инвестиција претставува унапредување на националната транспортната железница. Преку поддршка на обновувањето на возниот парк и корпоративните подобрувања на националниот железнички оператор, ЕБОР помага во поттикнување на конкурентноста, безбедноста и одржливоста на транспортната мрежа во земјата. Проектот не само што ќе испорача видливи еколошки придобивки, туку ќе постави и нови оперативни стандарди и еднакви можности во секторот. Оваа е важна инвестиција за поддршка на извозно ориентираните бизниси во земјата, во насока на нивна интеграција кон глобалните ланци на вредност, со што ќе се зајакне конкурентноста на приватниот сектор и ќе се креираат работни места, кои последователно ќе ја поддржат земјата во справување со проблемот на одливот на населението.” – вели Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.
,,Договорот за заем што денес го потпишуваме со Европската банка за обнова и развој, во износ од 20,9 милиони евра, е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во нашите политики и во насоката во која се движи државата. Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии. Министерството за финансии останува посветено на поддршка на проекти кои носат долгорочна економска вредност, го поттикнуваат развојот и ја подобруваат поврзаноста на државата со регионалните и европските транспортни коридори.” – потврди министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
,,Навистина ми е драго што денес имаме можност да заокружиме еден исклучително важен процес кој ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.” – истакна министерот за транспорт, Александар Николоски.
Проектот е целосно усогласен со Бизнис планот и Акциониот план на МЖТ и со Реформската агенда на ЕУ за Западен Балкан, со цел подобрување на управувањето и перформансите на државните железнички претпријатија. ЕБОР е еден од главните институционални инвеститори во Северна Македонија, со досегашни инвестиции од над 3 милијарди евра во повеќе од 200 проекти.

