Skip to main content
Економија

Николовски: Царинската управа со рекордна наплата и засилена дигитализација ја движи економијата

30/12/2025  16:44

Позитивните резултати во наплатата на приходи, поефикасното оперативно работење и скратените царински постапки преку примена на современи ИТ решенија, како и унапредената соработка со царинските служби од Западен Балкан и Европската Унија, ја потврдуваат улогата на Царинската управа како една од клучните институции за развој на македонската економија. Ова го истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во гостување во емисијата „Старт“ на Блумберг Адрија.

Како што посочи Николовски, заклучно со ноември годинава остварена е вкупна наплата на приходи од 1,95 милијарди евра, што претставува раст од речиси 5 проценти, односно 87 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани. Тој нагласи дека годинава е забележана и највисока месечна наплата досега, при што континуирано се бележат позитивни резултати и во оперативното работење и во полнењето на државниот Буџет.

Според него, ваквите показатели се јасен доказ за напредокот на Царинската управа, но и за нејзината значајна улога како генератор на позитивни економски процеси во државата. Николовски потенцираше дека дигитализацијата е клучен двигател на реформите, но нагласи дека нејзините придобивки мора да бидат препознаени и искористени од сите вклучени страни во царинските постапки.

„Мора да го менуваме начинот на функционирање на царинската постапка и нејзино реализирање. Вложуваме се од себе да одиме понапред во дигитализацијата, неминовен процес на интегрирање со другите институции, постапката да трае пократко и со што помало влијание на човечкиот фактор“, истакна директорот. 

Како еден од најзначајните чекори во оваа насока, Николовски го издвои Системот за податочен склад и анализа на ризик, имплементиран со грант од Република Кореја. Во системот се интегрирани податоци за увоз, извоз, транзит, заплени и кривични пријави, кои се анализираат со цел попрецизна селекција на пратките за контрола.

Тој додаде дека Македонија со овој систем ќе може да ги сподели своите позитивни искуства и со други земји, потенцирајќи дека меѓународната соработка е значително зајакната во последниот период. Николовски истакна дека по преземањето на функцијата, новиот менаџерски тим работел на воспоставување директна и навремена комуникација со царинските служби во регионот и пошироко. Денес, како што рече, со Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, Грција, Хрватска, Турција и други држави е воспоставена одлична соработка и секојдневна размена на податоци, што придонесува и за рекорден број кривични пријави. На крајот, директорот изрази благодарност до царинските служби од Западен Балкан и Европската Унија за поддршката и успешната соработка.