Skip to main content
Скопје

Герасимовски: Фантастична предновогодишна вечер на Боемска, центарци со позитивна енергија влегуваат во 2026

30/12/2025  10:12

Со предновогодишната забава „Вечер под ѕвездите”, Општина Центар симболично ја заокружи 2025 година и посака добредојде на Новата година.

Боемска улица синоќа беше преполна со расположени и весели скопјани кои се препуштија на празничната атмосфера, подготвена специјално за нив.

Уште на самиот почеток, вештите акробати и жонглери во ритамот на диско музиката на ди-џеј Александар Јорданов ги воодушевија посетителите со своите трикови и мајсторски точки.

Вечерта кулминираше со настапите на „Brass Brothers” и „Либеро бенд”, чија енергична изведба на популарните хитови ја разигра публиката, која, и покрај студеното време, остана насмеана и во добро расположение.

На присутните им се обрати и градоначалникот Горан Герасимовски, посакувајќи им здравје, среќа и весели моменти во следната година.

„Ова беше навистина фантастична забава! Ви посакувам и во 2026 година да ве следи оваа иста позитивна енергија која вечерва заедно ја споделивме”, порача Герасимовски.

Вечерта заврши со спектакуларен огномет, кој ја најави магијата на претстојните празници.