
Македонија обезбеди грант од 13,56 милиони евра во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Договорот за грант помеѓу земјата и Светска банка, која дејствува како водечка финансиска институција за Инвестициската рамка за Западен Балкан – Програма за безбеден и одржлив транспорт, го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорката на Светска банка за Северна Македонија, Карол Межеван.
-Денеска потпишуваме договор за грант, а со овие средства се унапредува транспортната ефикасност и предвидливост на Коридорот 10. Ова е една од компонентите од Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан чија крајна цел е зголемена ефикасност на транспортот во РС Македонија и во регионот. Тоа е особено важно во унапредувањето на патната инфраструктура, што како Влада ни претставува значаен приоритет, а самиот Проект ќе овозможи олеснување на трговијата и намалување на трошоците на економските субјекти, рече министерката и потенцираше дека Владата работи на полето на подобрување на економските услови во целина, а сѐ со цел постигнување позабрзан економски раст.
Карол Межеван нагласи дека инвестициите во модерна патна инфраструктура и транзитни коридори се од витално значење за растот на земјата, зајакнување на вредносните синџири, отворање пазари, намалување на трошоците за бизнис и привлекување странски инвестиции.
-Овие подобрувања ќе ѝ помогнат на земјата и во создавањето работни места и во градењето конкурентна, отпорна економија. Оваа иницијатива е клучна за реформите за пристапување на земјата во ЕУ и е во согласност со законодавството на ЕУ и Стратегијата за одржлива и паметна мобилност на Западен Балкан, рече Межеван.
Средствата се наменети за воведување интелигентен транспортен систем (ITS) на Коридорот 10, од граничниот премин Табановце до јужната клучка Велес, вклучувајќи воспоставување и опремување на национален центар за управување со сообраќајот со потребните ITS системски решенија за Коридорот 8 и 10, вклучително и за кракот 10д.
– Поконкретно, ќе бидат воспоставени систем за собирање податоци за протокот на сообраќај; систем за следење на тежината во движење (WIM); елементи за контрола на висината на возилата што пристапуваат до автопат; систем за собирање податоци за временските услови долж трасата на автопатот и систем за следење на транспортот на опасни материи (HAZMAT). Активностите се реализираат во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, чија вкупна вредност е 26,2 милиони евра, од кои 13,56 милиони евра се грант, а 16,4 милиони евра се заем од Светска банка. Проектот го имплементира Министерството за транспорт.
