
Македонската уметничка сцена ќе се обедини во хуманитарна мисија преку настанот „THREADS OF LIGHT“, кој ќе се одржи на 29 јануари 2026 година. Вечерта ќе биде посветена на уметноста, солидарноста и колективната одговорност, а ќе опфати изложба, хуманитарна аукција и перформанс. Средствата собрани преку аукцијата ќе бидат наменети за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, како и за активности насочени кон унапредување на безбедноста во сообраќајот и подобрување на законската и правната заштита.
Фондацијата ќе понуди структуриран пристап што вклучува психолошка поддршка, советување и правна насока, со цел долгорочно заздравување и зајакнување на семејствата. Во пресрет на настанот, Фондацијата „Фросина Кулакова“ упати јавен повик до уметниците од Македонија сликари, модни, индустриски и ентериер дизајнери, занаетчии и автори на уметнички инсталации и уникатни предмети да донираат свои дела за хуманитарната аукција. Рокот за пријавување истекува за три дена, а потребно е да се достават фотографија од делото, краток опис и предложена почетна цена на е-поштата contact@frosinakulakova.org.
Ова ќе биде првата хуманитарна аукција во рамки на работењето на Фондацијата, со јасна цел собраните средства да се насочат кон психолошка поддршка за семејствата на жртвите од сообраќајни несреќи, но и за семејствата на сторителите. Поддршката ќе се реализира преку до 10 бесплатни психолошки сесии, со цел намалување на траумата и превенција на понатамошни негативни последици.
Како дел од програмата „THREADS OF LIGHT“, дел од цртежите на Фросина Кулакова, создадени за време на нејзиното школување како моден дизајнер, ќе бидат преточени во реални модни парчиња од нејзини колеги и професори од матичниот факултет.
Од семејството на Фросина Кулакова порачуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија стои долготрајна болка со која семејствата мораат да научат да живеат, нагласувајќи дека психолошката поддршка е клучна за заздравување и спречување на нови трауматични последици.
Влезот за настанот на 29 јануари ќе биде бесплатен, а во наддавањето и купувањето уметнички дела ќе може да се вклучи секој заинтересиран, со претходна најава на истата е-пошта. Организаторите очекуваат масовно учество и од уметниците и од јавноста, со порака дека само преку заедничка грижа, емпатија и одговорност може да се придонесе за превенција на сообраќајни трагедии.
