
Пишува: Марјан Забрчанец
2025 е година што ќе се памети. Македонија ја преживеа една од најтешките национални трагедии во поновата историја. Кочани стана симбол на болка, вина и институционален распад. Локалните избори го запечатија тој впечаток на застој: граѓаните не гласаа за промени, туку од инерција, а државата и општеството потврдија дека остануваат и без енергија и без идеи.
Во 2026 година влегуваме оптоварени, но и поотпорни. Последните години нè научија дека кризата веќе не доаѓа со фанфари, туку едноставно станува амбиент. Комбинацијата од војни, економска несигурност, климатски стрес и технолошки шок нè прави повнимателни, постресни, но и поспособни да препознаваме што е важно и што не е.
Светот веќе не толку непредвидлив. ВИ и натаму ќе еруптира, но ќе нема доволно струја да ја напојува. Војните ќе се претвораат во геополитички трговии, а културните сцени ќе се движат кон публиките, а не обратно.
Менталното здравје, минимализмот, „дигиталниот пост“ – тоа ќе бидат нашите тивки протести против лудилото на постојана “вклученост”. И можеби во тие мали исклучувања има повеќе надеж отколку во сите големи ветувања што некој ќе ви ги каже за 2026.
Глобално, 2026 ќе биде година во која нема да се менуваат владите, туку навиките.
- Технологија: паметна, но гладна за струја
Вештачката интелигенција повеќе не е играчка за демо-видеа, туку работен ко-автор во канцеларија, во студио, при кодирање. Но, цената за тоа сѐ повеќе ќе се гледа на сметката за струја: дата-центрите и ВИ-инфраструктурата ја креваат глобалната потрошувачка на енергија, па „ефикасната ВИ“ и зелените дата-центри ќе стануваат политичко, а не техничко прашање.
Deepfake политичарите и инфлуенсерите ќе се нормализираат, а фокусот ќе се поместува од шок кон одбрана со методи од типот на вграден watermark, законски обврски за означување на ВИ-содржина и развој на алатки што автоматски препознаваат манипулирана аудио/видео содржина. Социјалните мрежи, под притисок на ЕУ и другите регулатори, ќе мора да се поместат од чист reach кон одговорност, потранспарентни алгоритми, обврска за брза реакција на штетна содржина и поголема одговорност за дезинформации.
- Геополитика: ЕУ и Кина на ист терен
По изборните циклуси од 2024-5, следува 2026 која е „пост-кампањска“ година кога се гледаат последиците, а не плакатите. Западен Балкан останува тест-зона за судир (или за соработка?) меѓу европската „нормативна моќ“ и кинеската економска дипломатија. ЕУ ќе настојува да ја потврди својата улога преку Фондот за раст и условен пристап до единствениот пазар, врзувајќи ги инвестициите со реформи во владеење на правото и транспарентност. Од другата страна, Кина настапува тивко, преку инфраструктурни кредити и директни инвестиции што бараат помалку демократски стандарди, а повеќе геополитичка лојалност.
Во таков контекст, регионот станува арена на „паралелни интеграции“ – економски врзан за ЕУ, финансиски се отвора кон Пекинг, а медиумски и безбедносно останува под сенка на Москва. Руски и српски информативни мрежи ќе го играат главниот фронт на дезинформации, користејќи ги етничките и историските поделби како алатка за влијание.
САД, по неколку години релативна дистанца, во 2026 “се враќаат” на Балканот со прагматична стратегија: поддршка на европскиот курс, но и задржување на влијанието во безбедноста, енергетиката и регионалната стабилност. Вашингтон ќе ја користи дипломатијата повеќе отколку санкциите, со јасна порака дека „вакуумот“ на НАТО-просторот во регионот нема да се толерира.
Пошироко, ова ќе биде година на хронични, не ескалаторски војни: Украина влегува во позиционен застој, Блискиот Исток во контролирана нестабилност, а климатската криза станува нова сцена на реалполитика. Климатскиот самит COP31 во Турција ќе биде момент кога државите ќе мора да покажат мерлив напредок, не само декларативна волја. Во таа геополитичка матрица, Македонија не е остров, туку мало поле на истата табла, каде секоја одлука за ЕУ, безбедност или енергетика ќе се чита и како избор на табор.
- Македонија: ЕУ на пауза, сметките на максимум
Македонската економија во 2026 ќе живее во парадокс: проекции за умерен раст (околу 2,5–2,8%), но со висок дефицит, ограничен буџетски маневар и поскапи кредити. Тоа значи: реално ниски плати, тврд судир околу секоја субвенција и уште поголем притисок на домаќинствата од цените на храната, енергијата и кириите.
Енергетиката останува болна точка – транзиција на хартија, зависност од увоз и потенцијал за нови „зелени“ проекти со слаба транспарентност. На политички план, продолжува сапуницата со уставните измени и евроинтеграцијата: рокови што висат, последни услови од Софија и Брисел, опозиција што својата стратегија ја менува на месечно ниво и не знае (или не сака?) да “профитира” од застојот. И сето тоа забиберено со наративи од „српскиот свет“ и геополитичко поврзување на дел од елитите и медиумите кон Белград и Москва. Во позадина, загадувањето, урбаниот хаос и климатските екстреми ја претвораат животната средина во централна политичка тема, а не само во зимска жалопојка.
- Спорт: Два спеткаткли и борба за еднаквост
Мундијалот во САД, Мексико и Канада (11 јуни – 19 јули) и Зимските олимписки игри во Милано–Кортина (6 – 22 февруари) ќе бидат спортски, медиумски и политички мегдани, со теми што одат далеку надвор од теренот: човекови права, одржливост, миграција, национализам. Паралелно, самитите и конференциите за женски спорт (како IWG Global Summit 2026) ќе го туркаат прашањето за родова еднаквост, од платите и условите до медиумската застапеност.
Големите спортски франшизи ќе продолжат да бидат огледало на политиката: од избор на домаќини до спонзори и санкции кон држави и клубови. Во таа мешавина, спортот останува и „мек“ инструмент за дипломатија, но и најгласен глобален саундтрак за идејата дека светот е истовремено и сè поблиску, и сè поразделен.
- Музика и уметност: Y2K носталгија, ВИ и кросовер сцени
Во музиката, 2026 ќе звучи познато: Y2K, ран 2000s r’n’b, електро-поп и клубски trance се враќаат како главен мејнстрим. Паралелно, ВИ станува ко-автор, од пишување текстови до генерирање вокали и миксови, што отвора битка за авторски права, кредити и „човечкиот фактор“ во правењето хитови.
Уметничката сцена се поместува кон перифериите: Венецијанското биенале 2026 и другите биеналија во Сиднеј, Гвангжу и Африка ја воздигнуваат темата на маргинализирани гласови, постколонијални контексти и климатска криза. Границите меѓу клуб, галерија и модна писта сѐ повеќе ќе се бришат. Сѐ повеќе настани ќе комбинираат сетови во живо, помали, таргетирани публики, инсталации и хибриди од уметности, претворајќи ја културата во 360° искуство дизајнирано истовремено и за сетилата и за feed-от.
За крај, ако 2025 беше година на ‘6-7’, тогаш 2026 ќе биде година на уште покуси и уште побесмислени ‘медиуми’ кои сепак имаат смисла – мали, апсурдни brainrot-сигнали со кои генерациите после нас сакаат да кажат: “и онака ништо нема смисла, ај барем да биде смешно. Очекувано е кулминира т.н. ‘меме ресет’, свесен обид интернетот повторно да звучи човечки, со враќање на старите, преедноставни 2010-мемиња (Doge, Nyan Cat, Rage Comics) како противотров на ВИ-хаосот и дигиталната врева.“
* Анализата е изработена врз основа на комбинирана методологија која вклучува преглед на официјални документи, прогнози и анализи на меѓународни институции, медиуми и стратешки извештаи за периодот 2024–2026. Користени се податоци од Европската комисија (Enlargement Report, План за раст за Западен Балкан), Светска банка, ММФ и OSCE/ODIHR, како и Фискалната стратегија 2026–2030 и плановите на Државниот завод за статистика. За технолошките и глобални трендови се консултирани извештаи на Microsoft, Deloitte и WEF, а за културните и спортските настани – календари и анализи на BBC, Time Out, The Art Newspaper, FIFA и Olympics. Проекциите се базираат на индикатори и јавно достапни кредибилни извори, не на шпекулации.

