
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, кое се однесуваше на кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина, но и како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година во година ги намалува средствата за оваа намена. Таа посочи дека со ребалансот на Буџетот за 2025 година средствата за животна средина се намалени за 13,4%, а ставката „намалување на загадувањето” е скратена за околу 20%, односно речиси 50% во однос на претходната година.
Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за неисполнувањето на обврските од Реформската агенда, односно обврските за три реформи, кои се однесуваат на подобрување на деловната клима за малите и средни претпријатија.
Во продолжение интегрален текст од прашањата:
Почитуван министер,
И бидејќи„ специјалитет” на оваа Влада е да се повикува на претходната, сакам да ви „олеснам” и да ве потсетам дека во ноември 2018 година, Владата предводена од СДСМ промовираше План за чист воздух , како стратешки документ за 2019 година со јасно изразена политичка волја за намалување на аерозагадувањето, спроведувањето на мерките да се одвива преку интегриран и координиран пристап, отвореност на Владата и на државните институции за партнерски однос со граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации.
Исто така, овој План предвиде, за прв пат, посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето. Планот за чист воздух опфати мерки за намалување на аерозагадувањето во Скопје до 50%, и приближно толку и за останатите градови во државава со исклучително загаден воздух.
Овој План за чист воздух, во својот Извештај во 2019 го нотираше и Европската комисија поздравувајќи го конечно донесувањето на таков документ.
Тогаш, амбасадата на Шведска во Босна и Херцеговина. ги повика властите во Сараево да го видат Планот за чист воздух што е донесен во Македонија. Дали го виделе, не знам. Повеќе ме засега дали нашата актуелна Влада го видела.
Да , потребни се години за да се намали аерозагадувањето, но токму овој План беше темелот на сето тоа.
И за да се остави впечаток дека е „проширено и надоградено”, оваа Влада меѓу приоритетните програмски определби во областа на заштитата на животната средина , наведува и ,,План за обезбедување на чист воздух за сите”.
На хартија со леснотија се напишани и уште неколку приоритети :
,,Заштитата на животната средина е начин како да ја заштитиме иднината на Македонија. Еколошките предизвици со кои се соочуваме како држава не поврзуваат со реалните предизвици насекаде во светот. Нашата визија е да создадеме услови за индустријата да создава еколошки производи со мал отпечаток на загадување и со зголемена додадена вредност”.
Понатаму, дека „ќе се формира Фонд за животна средина, кој ќе поддржува посебни програми за поддршка на стартап компании и иновации кои ќе работат на проекти за помало загадување, намалување на последиците од загадувањето или решенија без загадување на животната средина. Владата ќе воспостави механизми за формирање на централно инспекциско тело со ингеренции на сите нивоа, надлежно за справување со загадување на животната средина и со отпадот”.
Но, реалноста ја отапе острицата и на лесно на пишаните зборови.
Дебатирајќи за Буџетите за 2025 и 2026 година , како и за Ребалансите секаде имаме кратење на средства токму за овој специфичен ресор и за ресорното министерство.
Во Ребалансот на Буџетот за 2025година – Заштитата на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4% во износ од 868 милиони денари помалку, сведувајќи се од 6,4 милијарди на околу 5,6 милијарди денари за фискалната година. Најголемата промена е во ставката – Намалување на загадувањето, каде што првично планираните 3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува приближно 19% намален буџет, а во однос на претходната година истиот е планирано да се намали за 48,2%, тоа е скоро 50%.
Исто така, во структурата на Буџетот за 2026 година, имаме намалување од 14,1% или во износ, 727 милиони денари помалку од Ребалансот 2025 или 1,2 милијарди денари споредено со Буџетот за 2025 година.
Несвојствено е да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството, како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот за отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздух ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на Државниот инспекторат за труд и како ќе се унапредува животната средина.
Не се доволни само препораките за ослободување од работни обврски на ризичните групи. Сите полека влегуваме во таа група справувајќи се со последиците, а не со причините.
Моето прашање е кои конкретни мерки ги превземате како Влада, односно како ресорно министерство во борбата против аерозагадувањето , имајќи го во предвид фактот дека од година во година, со секој буџет и ребаланс на буџет, ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем ?

