
Државниот инспекторат за животна средина во текот на 2025 година извршил вкупно 1.373 инспекциски надзори низ државата, од кои 200 во скопскиот регион. Најголемиот дел од контролите биле редовни 1.263, додека 110 биле спроведени без најава. Во компанијата „ТИТАН Усје“ биле извршени пет инспекции, две редовни и три вонредни, при што не се утврдени неправилности.
За споредба, во 2024 година Инспекторатот реализирал 1.535 контроли на национално ниво, а 276 во Скопје. Најмногу надзори тогаш биле извршени во Полошкиот регион, по што следуваат Скопскиот и Вардарскиот. Според годишниот извештај, најголем број утврдени неправилности во 2024 година биле евидентирани во Вардарскиот регион 90, а во Скопје биле констатирани 36, најчесто во општините Бутел, Студеничани и Чучер Сандево. Од Министерството за животна средина информираат дека во Скопје и околината функционираат околу 40 индустриски капацитети со А-интегрирана еколошка дозвола.
