Skip to main content
Економија, Македонија

Владата ќе донира 100 возила за Македонска пошта, најавени и законски измени

24/12/2025  16:31

Владата работи на зајакнување и подигнување на квалитетот на услугите на АД Пошта на Македонија, со цел државната пошта конечно да се издигне и да обезбедува конкурентни и квалитетни услуги на поштенскиот пазар. Ова го истакна вицепремиерот Александар Николоски на Јавниот состанок на Агенцијата за пошти.

Тој нагласи дека иако Македонија ја следи европската пракса за регулација на поштенскиот пазар, таквиот модел создава сериозни предизвици, бидејќи државната пошта, за разлика од приватните оператори, има општествена одговорност и обезбедува услуги и во услови и средини каде што другите не работат.

„Или сите подеднакво ќе го носат товарот, или ќе носиме други одлуки. Мојата намера е Македонска пошта да се крене, а не да продолжи да пропаѓа како досега“, порача Николоски, додавајќи дека Владата нема намера да го продава државниот капитал, туку да го заштити и унапреди.

Вицепремиерот најави дека ќе следуваат законски измени кои ќе одат во насока на промена на постојната состојба, особено во контекст на обврските од европските директиви и барањата од Планот за раст, кои предвидуваат зголемување на ефикасноста и профитабилноста за 15 отсто – цели кои, според него, тешко се остварливи во сегашните услови.

Како конкретна мерка за поддршка, Николоски најави дека во наредниот месец Владата ќе донира 100 нови возила за Македонска пошта – 90 помали комбиња и 10 поголеми возила. Дополнително, се работи и на програма за поддршка во делот на софтверски решенија, системи за сортирање и подобрување на просторните услови, со цел Поштата да достигне највисоки стандарди на услуга.

Тој посочи дека соработката со Агенцијата за пошти има клучна улога во овој процес и нагласи дека е-трговијата ќе продолжи да расте, што ќе ја засили конкуренцијата меѓу поштенските оператори.

Во моментов на домашниот поштенски пазар функционираат 29 правни лица – 28 приватни пошти и АД Пошта на Македонија, која како државна компанија поседува индивидуална дозвола за обезбедување универзална поштенска услуга.