Skip to main content
Македонија

Костадиновски: Укинувачка одлука на Кривичниот законик во февруари би направила поголема штета од онаа што ја направија пратениците

23/12/2025  14:48

Уставниот суд беше одговорен кога во февруари ја донесе одлуката за измените на Кривичниот законик, бидејќи разгледуваше повеќе можни сценарија за да спречи правен вакуум, изјави претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на панел дискусијата „Чекајќи го Годо… и правдата: Очекувања од новите измени на Кривичниот законик“.

-Применивме новина – интерпретативна одлука, со која го толкувавме Уставот во однос на измените и утврдивме сомнеж и во формалната и во материјалната уставност, рече тој.

Костадиновски објасни дека наместо веднаш да донесе укинувачка или поништувачка одлука, Судот му дал на Собранието рок од шест месеци да ги усогласи измените, кој потоа бил продолжен поради локалните избори. 

-Укинувачка одлука тогаш ќе направеше уште поголема штета од онаа што ја направија пратениците, нагласи тој, додавајќи дека и понатаму стои на ставот дека Собранието направило непоправлива штета на правната држава.

Тој ја оцени одлуката на Судот како историска, бидејќи за првпат Уставниот суд почнал да ја цени формалната уставност на законите, односно постапката на нивно донесување. 

-Постапката го легитимира правото. Со оваа одлука го потврдивме членот 108 од Уставот – дека Судот ја штити уставноста и законитоста во најширока смисла, истакна Костадиновски, нагласувајќи дека ова е новина во 63-годишната историја на уставното судство.

Претседателот на Уставниот суд предупреди на системски проблем, односно, како што вели, дека имаме суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност, што, според него, станува начин на живот.

-Како некој да сака да не убеди дека тоа е нормално, а сите знаеме дека не е нормално. Пратениците не ја застапуваат Владата, туку граѓаните, нагласи Костадиновски и додаде дека предложените измени сега се во редовна постапка. Тој апелираше до пратениците да го артикулираат интересот на граѓаните, а не на поединци.

Амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас порача дека реформата на Кривичниот законик е суштинска и нема време за губење. 

-Ако го поставиме правилно владеењето на правото, демократијата може само да напредува, рече Рокас нагласувајќи дека измените од 2023 година предизвикале сериозни последици, коишто, како што вели, се влошиле поради недостиг на ресурси и одложувања во судските постапки.

Тој додаде дека Европската комисија препорачува државата да усвои законик усогласен со европските стандарди. 

Професорот Денис Прешова оцени дека Уставниот суд требаше да постапи похрабро и уште во февруари да донесе поништувачка одлука за измените на Кривичниот законик. 

-Решението на Судот веќе јасно ги детектира неуставностите, особено од формален аспект. Затоа сметам дека требаше да се донесе поништувачка одлука која ќе ги врати старите одредби и ќе ги анулира правните последици од измените, истакна Прешова.

Тој укажа на примери од европската пракса, како Чешка, Летонија и Словачка, каде уставните судови поради сериозни прекршувања на законодавната процедура донесуваат одлуки со ретроактивно дејство. 

-Ако тоа важи за амнестии, уште повеќе важи за измените на Кривичниот закон, нагласи тој, додавајќи дека одолговлекувањето и продолжувањето на роковите го ставиле Судот во „сива зона“, што, смета тој, е проблематично.

На прашање од обвинителката Ленче Ристовска до претседателот на Уставниот суд дали „утре“, ако се донесат измените на Кривичниот законик во предложената форма, дали таа како обвинител треба да ги повлече обвиненијата бидејќи делата, според неа се декриминализирани и дали тоа ќе значи нов бран на неказнивост и револт, Костадиновски рече дека Судот нема да коментира предложени решенија пред да станат „живи норми“, но увери дека постапката ќе продолжи веднаш штом измените бидат објавени во „Службен весник“.

-Не треба нова иницијатива. Овој предмет не е окончан. Кога ќе стапат во сила, се активира нашата одлука и ќе ги разгледуваме и материјално и формално, истакна тој.